Каролина е мојата инспирација

Композиторот Николче Мицевски е комплетен автор на албумот „Извор“ на Каролина Гочева. Тој и Каролина заедно го создадоа и „Македонско девојче 2“. Песните од двата албума стилски се разликуваат, но се подеднакво успешни.

„Искрено, двата албума подеднакво ми беа и лесни и тешки. Тежината на задачата беше да се направи добар и успешен албум по претходен успешен албум. Подеднакво е вниманието и професионалноста кои ги посветив на двата албуми. Мене ми се подеднакво драги и двата. Различни се, но имаат и нешто заедничко, а тоа е првенствено позитивната енергија што ја даде целиот тим сосе Каролина. Тоа се чувствува во двата албума“, рече Николче за „Репортер“.

Задоволен е што и на новиот, ама и на претходниот албум песните ги одбрале „десет од десет“.

„И на претходниот, ама и на овој албум не остана ниедна тема што ја започнав, а на крај да ја замениме со друга, да не е во албумот. Се разбира, во процесот на создавање некои песни трпат измени, мелодиски, аранжмански и текстуално. Но, ниедна песна не беше изоставена за сметка на друга“, додава тој.

Вели, емотивно се врзува за сите песни што ги компонира, па невозможно е да одбере само една што се издвојува од албумот, за него.

„На секоја од нив сум им посветил исто внимание, сум имал ист пристап. Прва песна што ја сработив беше ‘Газам боса’ и таа ми беше омилена додека не дојде втората ‘Убав живот’. И така до секоја следна. Важно ми е секоја песна да допре до публиката, некоја повеќе, некоја помалку, тоа е природно. Мило ми е кога слушам дека различни песни од албумот веќе станале омилени на различни луѓе. А јас не можам да издвојам во моментов“, рече Мицевски.

Николче и Каролина освен што соработуваат, се дружат со години. Тој ја опишува пејачката како негова инспирација и вистински другар, ама и како голем професионалец.

„Во текот на годините  Каролина акумулирала огромно искуство од својата работа, изградила висок критериум и стандард, ама и голема способност да почувствува добра песна, мелодија, текст. Со совети секогаш помага крајниот производ да биде на уште повисоко ниво. Нејзината посветеност на проектите што ги работевме беше голема. Така што, кога би требало да ја опишувам каков соработник е сигурно сето тоа би било со суперлативи“, вели тој.

Мицевски е препознатлив и по својата соработка со „Некст тајм“. Засега се во прашање две песни „Ја излези Ѓурѓо“ и „Слушам кај шумат шумите“, но, вели, тоа ќе се претвори во цел проект.

„Со Стефан и Мартин почнавме проект кој во себе носи голема тежина од повеќе аспекти. Успехот на двете издадени преработки до сега нè мотивираше да направиме подолгорочен план и да ја заокружиме приказната со албум и голем концерт“, ни рече Николче.

Композиторот има долга и успешна кариера. Но, не се кае за изборите што ги направил низ годините.

„Не би сменил некои поголеми работи од тоа што сум направил. Можеби за некои работи би бил похрабар и поупорен. Но, по природа сум таков каков што сум и сигурно истото повторно би го направил. Секој прави грешки и добро е тоа до некоја мера, ако се извлече поука од тие грешки, оти тоа го прави човек посилен и подобар“, рече тој.

Андријана Јовановска

Scroll to Top