Маленко бара услови за пливање

Некогашниот пливач Александар Маленко поведе иницијатива преку Иницијативен одбор за решавање на проблемите во Пливачката федерација на Македонија. Освен Маленко, во сето ова се вклучени уште 10 тренери. Александра Маленко се обратил до Агенцијата за млади и спорт (АМС) пред 13 дена со барање да се разгледа работењето на Пливачката федерација на Македонија (ПФМ) и да се решат потенцијалните неправилности. Иницијативниот одбор бил на разговор со директорот на АМС, Дарко Каевски.

„АМС како државна институција во најкраток можен рок ќе го реши овој проблем во интерес на пливачкиот спорт, на пливачите и тренерите“, вели Маленко.

Проблемот, информираат од Иницијативниот одбор, бил во тоа што Пливачката федерација е крајно пасивизирана во последните седум-осум години, не ги извршувала ни основните обврски, а сметката останала замрзната. Паралелно било формирано друго тело, правен субјект кој го користи името „ПФМ-спорт“ и кој дејствувал во името на Федерацијата и примал финансиски средства.

„Иницијативата е од над 15-ина родители на врвните пливачи во Република Македонија и од нивните тренери. Не само што сакаме да се средат состојбите во Федерацијата туку и да се создадат услови за да се одржат нормални државни првенства бидејќи тие се основата за да имаме нови генерации млади пливачи“, велат од Иницијативниот одбор.

Scroll to Top