Паметам кога добив, ама и кога два пати ми доцнеше

Специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи на вчерашната гала-вечер на раскажување женски приказни „Причпич“ зборуваше на темата „Добив“. Таа рече дека памети кога прв пат добила, ама и дека „памети кога два пати ѝ доцнело па ги добила и своите два сина “.

Сепак, таа реши да направи пародија на дел од коментарите за нејзиното излегување во диско, за што доби критики на социјалните мрежи. Таа настанот го опиша како да е кривично-правен настан, на кој било извршено кривично дело. Фетаи рече дека добила и ја прифатила поканата на пријател да излезе во кафуле на кое имало караоке забава. До таму ја возел нејзиниот сопруг, кој исто така беше во публиката. На карокето сакала да запее, ама се воздржала.

Пред полноќ добила покана да оди во диско. Потоа, рече, ја стигнал судот на јавноста. „Следуваше лавина од коментари. Станав обвинета“, рече иронично обвинителката. Таа се изјасни дека не е виновна за ова и направи пародија со изјавата на експремиерот Груевски, кога тој изјави дека не може да биде обвинет за сакање. „Сум сакала да видам што има во дискотека“, иронизираше обвинителката, која додаде дека не барала помилување.

„Не можам да добијам условна бидејќи признав вина“, се пошегува Фетаи и додаде „јавноста смее да го знае делот до враќањето дома, што  се случувало дома не смеам да ви откријам“,  што предизвика смеа кај присутните.

„Дел од критиките во јавноста не беа поради функцијата, туку пред сè како кон мене како кон личност, како кон жена“, додаде таа.  На крајот од говорот, Фетаи посочи дека колку и да ја осудуваат затоа што била во диско „сторителот секогаш се враќа на местото на злосторството“.

Таа додаде дека жената во Македонија се соочува со предрасуди.

„Да се бориме за општество во кое ќе се врати правдата“, изјави таа. На жените им порача да го прават она што ги прави среќни.

Scroll to Top