По животната сторија за македонскиот тенисер, „Адидас“ му понуди спонзорски договор

За големата животна драма на македонскиот тенисер Дарко Грнчаров, кој шест месеци беше во кома и кој по будењето му се врати на тенисот, дозна и светски познатата компанија за спортска опрема „Адидас“. Тие на 20-годишниот Дарко му понудија спонзорски договор и соработката ја потврдија преку нивниот твитер-профил.

„Јас сум единствениот Македонец кој потпишал договор со оваа компанија. Тие спонзорираат играчи кои се на врвот на светскиот тенис, а сега застанаа и зад мене и ме претставија како член на нивното спортско семејство“, изјави Дарко за „Репортер“.

Младиот тенисер неодамна доби и спонзорски договор со „Вилкинсон“. Двете компании застанаа зад Грнчаров откако светските медиуми објавија статии во кои ја раскажаа неговата животна приказна.

Пред првиот официјален турнир во декември 2016 година, тогаш 19-годишниот Дарко имал мозочен удар и паднал во кома. Се разбудил по шест месеци. Иако лекарите му рекле дека нема да може да игра тенис барем 6 години, со голема желба и упорност почнал да тренира минатата есен.

„Уште не сум свесен колкава чест е што ме избраа мене, но мило ми е што се и тие возбудени поради идната соработка“, ни рече Грнчаров.

Ова не е првпат странски компании да се заинтересираат за македонските спортисти, а истите тие спортисти да немаат помош од државата. Дарко веќе неколку месеци се обидува да добие поддршка од Агенцијата за спорт и млади. Вели дека луѓето со кои контактирал му ветувале многу, ама не исполниле ништо.

„Ми ветуваа помош, ми велеа дека ќе ме побараат следниот ден, па следната недела, а поминаа речиси три месеци. Кога им напишав порака дека веќе не мора да се заморуваат со мене, како да им олесна. За среќа, веднаш потоа ме исконтактираа од ‘Адидас’ и го потпишавме договорот“, додаде тој.

Дарко деновиве им се врати на тренинзите. Тој престојува во Мајами каде што го помина допинг-тестот и на почетокот на март таму ќе го одигра својот прв професионален турнир.

Андријана Јовановска

 

Scroll to Top