Поради „Фамилија Марковски“, Жаре си замина од „Телма“

Емисијата „Еден на еден“ на Жарко Димитриоски, која до неодамна ја гледавме на ТВ „Телма“, веќе нема да се емитува на оваа телевизија. Емисијата од минатата недела се емитува на „Канал 5“. Причината за заминувањето на Жаре од „Телма“ е епизодата во која гостуваат актерите од популарната серија „Фамилија Марковски“. „Еден на еден“ е приватен проект што се прикажуваше на „Телма“, а кој, според првите луѓе на оваа телевизија, не требало „Телма“ да промовира домашна серија што е производ на конкурентска ТВ-куќа.

„Како што пишавме и на ‘Фејсбук’, не ни ја пуштија емисијата иако беше навремено доставена. Ни потенцираа дека не ја пуштаат зашто гостуваат актери од серија што оди на друга телевизија, што за нас беше неприфатливо посебно поради тоа што серијата веќе беше завршена со емитување и не ни одеше во етер,“ рече Жаре во изјава за „Репортер“.

Емисијата „Еден на еден“ е една од најгледаните емисии кај нас, а Жарко во текот на изминатите години ги интервјуира најпопуларните македонски јавни личности, но и ѕвезди од соседството.

(А.Ј)

Scroll to Top