Родителите на Тоше сакаа сами да му подигнат надгробен споменик

Пред десетина дена беше соопштена одлуката на Владата да се издвојат средства од буџетот за уредување на гробното место на Тоше Проески. Во интервју за „Фокус“, Лилјана Петровиќ изјавила дека родителите на Тоше сакале самите да му направат споменик, но претходната влада не им дозволила, бидејќи бил почесен граѓанин.

„Родителите на Тоше сакаа сами да му подигнат надгробен споменик. Ја знам целата вистина. Претходната влада не им дозволи, бидејќи бил почесен граѓанин на Македонија, а десет години не успеаја ниту споменик да му направат. Тоа е единствената вистина. Се друго се неупатени претпоставки“, рекла таа во интервјуто.

Деновиве на својот фејсбук-профил таа објавила фотографии од Крушево, со што ги демантира пишувањата дека десет години не била на гробот на Тоше.

„И во минатото одев на гробот на Тоше. Информацијата дека не сум била цели десет години е голема лага! Овој пат објавив фотографии од Крушево на социјалните мрежи поради фановите на Тоше. Многу од нив ми пишуваат и сакаат да ги споделувам спомените и фотографиите на „Фејсбук“. Тажна сум и тоа никогаш нема да престане!“ рекла Петровиќ.

Во интервјуто Лилјана додала дека се невистинити гласините дека ги прекинала контактите со родителите на Проески по несреќата.

„Во контакт сум со родителите на Тоше. Не се мразиме, нема причина за такво нешто. Се видов со нив кога неодамна бев во Крушево. Јас доаѓам таму, но тоа го правам кога не е 16 октомври“, рекла Петровиќ.

Scroll to Top