Сатја нацрта патики инспирирани од „Војна на ѕвездите“

Во кината ширум светот од викендов се прикажува „Војна на ѕвездите: последниот џедај“, а сите што беа да го погледнат филмот во Скопје можеа да ги видат и рачно исцртаните патики, инспирирани од овој филм. Уникатните патики се дело на Сатја Грабулоски и неговиот тим S.igniture. Ова е трет пат да црта патики инспирирани од некој филм, по „Супермен наспроти Бетмен“ и „Лига на правдата“.

Инспирацијата за патиките е Реј, како нов симбол на светлината и Кајло Рен, како наследник на Дарт Ведер и на темната страна.

„Овој пат процесот беше потежок зашто ни требаше и дозвола од „Најки“ за да си играме со моделот на патики „Кортез“ чие заштитно лице е Кендрик Ламар. Но, ни требаше и дозвола од „Дизни“ за да направиме нешто со тема од „Војна на ѕвездите“. По соработката што ја направија со UGG за детски чизми со ликовите од филмот и по „Лобутин“ кои ги правеа официјалните обувки за филмот, ова се трети обувки во светот за кои е дадена дозвола од овој филм“, вели Сатја за „Репортер“.

Во среда, на денот на затворањето на изложбата, тие ќе подарат патики на еден од гледачите на филмот, а досега во наградната игра што ја организираат заедно со киното „Синеплекс“ има пријавено преку 5.000 учесници.

„Ќе бидат изработени вкупно десет пара вакви патики и ќе се продаваат онлајн, ширум светот“, додава Сатја.

Андријана Јовановска

Scroll to Top