„Снежна шарлота“ по рецепт на Александра Јовановска

Александра Јовановска е позната како голем гурман меѓу пријателите. Таа сака да готви и солено и благо, а за „Репортер“ го сподели рецептот за омилената торта, „Снежна шарлота“.

„Оваа торта не може да се најде речиси во ниедна слаткарница“, ни рече Александра, автор и водител на музичката емисија „Стисни плеј“.

Потребни состојки:

За пандишпанот ви требаат 3 јајца, 4 лажици шеќер, 4 лажици брашно, малку сол и 2 кафени лажички ванилин шеќер.

Филот се подготвува со 7 јајца, 5 кесички желатин, 4 лажици брашно, 1 литар млеко, 16 лажици шеќер, 2 лажици какао, 1/2 литар слатка павлака и 2 кафени лажици ванилин шеќер

Најпрво подгответе го пандишпанот. Изматете ги  жолчките со шеќер, сол, ванила и постепено додавајте го брашното. Настрана изматете ги белките, а потоа додајте ги во садот со изматените жолчки. Промешајте добро. Добиената смеса ставете ја во тава за печење со димензии 20×30, премачкана со зејтин и брашно, па печете на 170 степени околу 15 минути.

За да го подготвите филот, измешајте ги жолчките со 4 лажици шеќер и 4 лажици брашно. Растопете го желатинот во 3 дл млеко и оставете го да набабри. Преостанатото млеко додајте го во мешавината со жолчки и варете ја смесата на оган додека да згусне. Мешајте цело време за да не изгори. Добиениот крем ставете го во друг сад за да остине побрзо, а потоа додадете го желатинот во млаката смеса и мешајте додека не се растопи. Изматете шлаг пена од белките со 8 лажици шеќер. Слатката павлака изматете ја со 4 лажици шеќер. Белките и павлаката додадете ги во садот со жолчките и желатинот и добро промешајте. Поделете го кремот на два дела. Во едниот додадете какао. Двете смеси ставете ги во фрижидер да отстојат 15-тина минути, а потоа секоја смеса промешајте ја добро уште еднаш, за да се изедначи. Со подготвените смеси филувајте го најизменично пандишпанот.

Scroll to Top