Тенисерот што беше во кома, Дарко Грнчаров – не постои!

Тенисерот Дарко Грнчаров, кој лани беше во кома шест месеци и кој со својата тажна животна приказна ја воодушеви дури и Серена Вилијамс – не постои. Од вчера се изгасени неговите профили на социјалните мрежи, а до неодамна речиси сите светски медиуми пишуваа за неговиот живот.

Откако се расчу за неговата животна приказна, се јави светската тенисерка Серена Вилијамс, која му испрати и приватна порака во знак на поддршка велејќи му дека едвај чека да го запознае.

Приказната за лажниот тенисер од Македонија ја откри Бен Ротенбер, американски новинар кој пишува и за „Њујорк тајмс“. Тој неодамна почнал да истражува кој е навистина тенисерот што со своите ставови и коментари ги воодушеви Серена Вилијамс, Мартина Навратилова, Виктор Троицки. Со Грнчаров интервју направи дури и Би-би-си. Тие пишуваа за неверојатниот живот на момчето што се разбуди од кома и му се врати на тенисот, но никој веројатно не обрна внимание дека „тенисерот“ никогаш не објавува фотографии на кои му се гледа ликот. Дури и видеата од неговите тренинзи никогаш не го прикажуваа неговото лице.

Во интервјуто за „Репортер“ што го направивме неодамна, Грнчаров раскажа дека во декември 2016 година имал мозочен удар и дека паднал во кома од која се разбудил по шест месеци. Од ударот, ни рече тој, го изгубил слухот на едното уво. Комунициравме исклучиво на социјалните мрежи.

„На почетокот ме лажеа дека сум го удрил увото при падот. Потоа ми признаа дека тоа е последица на мозочниот удар. Следниот шок го доживеав кога лекарите ми рекоа дека веќе никогаш нема да можам да играм тенис бидејќи ќе немам рамнотежа, дека ќе одам и ќе трчам тешко“, изјави во првото интервју за „Репортер“ момчето што се претставуваше како Дарко Грнчаров.

Пред неколку недели ни испрати порака и ни кажа дека добил спонзорски договор од „Адидас“, а Агенцијата за спорт и млади одбила да му помогне и да вложи во него и неговата кариера. Американскиот новинар вели дека од „Адидас“ му потврдиле дека таков договор не постои.

Подоцна тој на „Фејсбук“ и „Твитер“ напиша дека ќе го пропушти турнирот во јануари во Истанбул поради смртта на мајка му, која ја умрела од рак. Но, новинарот Ротенбер наведува дека „починатата мајка“ е и понатаму активна на „Фејсбук“.  Во исто време, според пишувањата на Ротенбер, тој откажал уште неколку интервјуа од истата причина. И нам, на редакцијата на „Репортер“, ни вети дека ќе дојде во студиото кон крајот на февруари пред да оди, наводно, во Мајами, каде што по покана на организаторот ќе настапел на тамошниот турнир.

Приказната за него доби публицитет кога се пофали дека добил поддршка и од светската тениска ѕвезда Серена Вилијамс. Грнчаров ни испрати и принтскрин од приватната преписка со Серена на „Твитер“, која едвај чекала да го запозне со ќерка си Олимпија и која му рекла „луѓе како тебе ме инспирираат“.

Од вчера не може да се стапи во контакт со него, а профилите на социјалните мрежи се деактивирани.

 

Лажниот Грнчаров исчезна само еден ден кога американските медиуми напишаа дека тенисер со тоа име не постои. Во пишувањата, што ги пренесоа регионалните медиуми, стои дека поради кликови, реклама и внимание во времето кога постоеше експанзија на лажни вести поврзани со претседателскта трка на Хилари Клинтон и Доналд Трамп, некој, најверојатно, го измислил тенисерот Дарко Грнчаров со инспиративна животна приказна.

 

Во написот стои дека навистина постои Дарко Грнчаров, кој играл тенис, кој настапил на турнир во Подгорица во 2014 година и кој изгубил 0:6, 0:6 од Никола Вукотиќ. „Но, тој Грнчаров нема никаква врска со момчето што даваше интервјуа и им раскажуваше приказни на новинарите за своите успеси, а никогаш не објавуваше фотографии на кои му се гледа ликот“, тврди новинарот што ја објави приказната.

Андријана Јовановска

Scroll to Top