Три предлози од Алек Наумовски

Најуспешниот македонски машки модел, Алек Наумовски, ужива да слуша модерна музика. Деновиве тој е посветен на гледањето филмови номинирани за „Оскар“ и веќе има свои фаворити. Книги чита многу, но повеќе сака да чита оригинали, на англиски јазик, отколку кога се преведени.

Филм

Во пресрет на најголемото планетарно шоу за филмската индустрија, „Оскарите“, што ќе се случат на 4 март, ги гледам филмовите што добија најмногу номинации. Би го издвоил „Три билборди близу Ебинг, Мисури“ како еден од моите фаворити. Одлична приказна за ненадоместливата загуба на дете и колку сила и храброст има родителот додека ја бара вистината за да може да го пронајде својот мир. Филмот има многу скриени пораки, фантастична фотографија и прекрасни актери. Ептен го препорачувам.

Музика

Уживам да слушам од модерна и популарна, па сè до некои незаменливи парчиња филмска музика. Инспириран од концертот што ќе се случи набрзо во нашиот град, а кој не смее да се пропушти – германскиот легендарен бенд „Крафверк“. Според мене, тие се единствените виновници за зачетоците на електронската музика. Тука некаде би ги сместил „Арт оф Ноиз“ и Жан Мишел Жар. „Крафтверк“ беа први кои ги поставија темелите на музичкиот правец наречен краутрок. Почнаа да творат во средината на 70-тите години, но кога ги слушам имам чувство дека ја создале музиката пред десет години. Вистински пионери на електронската музика!

Книга

Бев под големи импресии кога ја завршив „Што се случи со Бејби Џејн“. Ја прочитав во оригиналната верзија на англиски и беше навистина добро искуство. Станува збор за две сестри многу успешни актерки кои завршуваат неславно. Тука е моментот да знаеш да направиш вистинска проценка, кога завршува успехот да најдеш начин достоинствено да се повлечеш од сцената. Би рекол дека книгата е психолошки трилер и кога ја читаш имаш некое непријатно чувство на немир и сочувство, иако на крај излегува дека не е онака како што мислиме на почетокот. Книгата ја има и во онлајн верзија. За оние помрзеливите го препорачувам филмот работен по книгата, со прекрасните Бет Дејвис и Џоан Крафорд. Евергрин класика.

Scroll to Top