BREAKING NEWS
Search

Јанева: Судот неоправдано го одложува „Пуч“

Денешното рочиште за случајот „Пуч“ е одложено поради, како што соопштија од Кривичниот суд, неприсуството на еден од поротниците. Ова е официјалното образложение на судот за одложувањето на денешното рочиште, кое е презакажано за 1 ноември.

janeva-puch-2-267x200

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, која го застапува обвинението за овој предмет, изјави дека судот неоправдано го одложил денешното рочиште поради болест на еден од двајцата поротници што, како што рече, е спротивно на Законот за кривична постапка.

Јанева исто така реагираше и на тоа што судот не го повикал единствениот сведок во случајот (Никола Груевски, н.з.), што за неа е неприфатливо.

Од судот, како што рече таа образложението било дека нема потреба да му биде доставена покана на сведокот во овој дел од постапката.

– Сметам дека е недозволиво и неприфатливо тоа што денеска новинарите не беа пуштени да влезат во судницата. Се надевам дека на следното рочиште новинарите ќе влезат во судница и ќе слушнат што имам да кажам пред судот – изјави Јанева.

Таа вели дека периодот од месец и пол, до следното закажано рочиште, е премногу долг и оти не е во ред вака важен предмет да се одложува на толкав период.

Одговарајќи на новинарско прашање, која е причината за одложувањето на судењето, Јанева рече дека тоа прашање треба да му се постави на претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски.

извор: Мета

loading...