Дамјановски: Ситуацијата во градот е драматична!

Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски- Циц во изјава за НОВА вели дека ситуацијата е драматична во градот, но апелира граѓаните да останат мирни и присебни и да не подлегнуваат на провокации.

„Од утрово Куманово е во приправна состојба. Утрото не затече со детонации, пукотници, хеликоптери и тоа трае цел ден. Има акција на МВР за ликвидација на наоружана група која неколку дена е присутна во тој дел на градот.

Бројката на оваа група неофицијално е 50-70 луѓе, се говори дека биле сместени во приватна куќа, но од страна на МВР се опколени , нападнати, дисперзерани се, а во моментов се водат потери по разни делови низ населбата Дива населба.

Блокирана е комплетно населбата, а неофицијално има погинати, повредени цивили и полицајци.

Ситуацијата е драматична и има голема вознемиреност кај луѓето, некои ги напуштаат домовите.

Се обидов да се пробијам во делот каде што има судири, но полицијата не ме пушти, заради безбедносни причини.

Апелирам до граѓаните да останат мирни, да сочуваат присебност, да не се вклучат во никакви групи заради етнички поделби, зошто сите контакти со политичките партии и граѓанските организации, особено албанските, велат дека никој не дава поддршка и кризата треба да се заврши со елиминација на оваа група и враќање на мир и спокојство на граѓаните во Куманово“, вели градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски- Циц во изјава за НОВА.