Легендарниот бенд „ТОТО“ првпат доаѓа во Скопје

Еден од најголемите американски бендови на сите времиња – „Тото“ прв пат доаѓа во Скопје, а концертот е дел од јубилејната турнеја по повод 40-годишнината од неговото постоење. Организаторите на концертот, „Авалон продукција“, го најавија неговото гостување во Скопје на 5 март 2018 година, а ќе се одржи во ВИП-арената „Борис Трајковски“.

„Тото“ е бенд кој светската музичка јавност го третира како еден од најдобрите во музичката индустрија нарекувајќи ги неговите членови кралеви на живата свирка. Во 2018 година тие ќе одржат голема светска турнеја, која опфаќа 40 земји, симболично за 4-децениската работа на бендот, а притоа ќе го претстават и материјалот од новиот студиски албум кој треба да излезе во февруари в година.

– Јас, Дејвид, Стив и Џозеф сме задоволни и истовремено возбудени за долгогодишниот успех на бендот. Оваа јубилејна турнеја, по повод 40 години од постоењето на „Тото“, ќе биде многу специјална турнеја за секој од нас и за сите наши фанови во светот – вели гитаристот Стив Лукатер.

Ова ќе биде 23. турнеја на „Тото“ и 14-ти по ред студиски албум по низата мултиплатинести плочи продадени во над 35 милиони примероци. Хитовите како Rosanna, Africa, Hold The Line и уште многу други им донесоа многубројни музички признанија и пет награди „Греми“.

Цените на влезниците за овој музички настан ќе бидат објавени утревечер во 21 часот, а продажбата ќе почне на 25 август во 9 часот преку продажната мрежа на „Купи карти за сè“ низ цела Македонија.

Scroll to Top