Ставрески: Со ребалансот се дели вишокот пари за развојната компонента

Засилена развојна компонента и задржување на социјалната стабилност се двете основни цели кои се постигнуваат со ребалансот на буџетот усвоен на вчерашната владина седница. Ребаланост беше неопходен заради тоа што на приходната страна во првите шест месеци има над 10 милијарди денари повеќе пари од лани, вели министерот за финансии Зоран Ставрески.

– По прв пат имаме вишок на приходи во буџетот во однос на планираното и тоа треба да се преточи во политики, мерки и активности кои ќе обезбдат искористување на тие средства, а притоа да се задржи стабилноста на буџетската позиција. Имаме за 14% повисоки приходи од ланските шест месеци или во бројка над 10 милијарди денари повеќе. Имаме за 6 процентни поени повисоки приходи од проекциите за овој период. Од тие причини овој ребаланс се прави на време за тие приходи да се распоредат на расходната страна, изјави Ставрески.

Буџетот за 2015 година имаше историски највисока ставка за капитални инвестиции, таа сега се засилува.

– Издвојуваме дополнителни 1,2 милијарди денари за повеќе проекти. Дополнителни 370 милиони денари се предвидени за забрзување на изградбата на гасоводот Клечовце – Штип. Потоа дополнителни 377 милиони денари се планирани за изгрдба на водоводи и канализации. Издвојуваме нови 220 милиони денари за изгрдба на училишта и спортски сали во училиштата. Дополнителни средства ќе има и за реновирањето на студентскиот дом „Гоце Делчев“, вели Ставрески.

Со ребалансот ќе се задржи и социјална стабилност затоа што предвидени се пари за сите најавени владини мерки.

– Предвидовме пари за зголемувањето на студентските стипендии од 10% како и за непречена исплата на зголемената социјална помош од 10%. Ќе има доволно средства до крајот на годината редовно да се исплаќаат сите тие работи, а во буџетот ќе има пари и за најавеното зголемувањето на пензиите во октомври, вели Ставрески.

Макроекономските параметри, посочува, се задржуваат и по ребалансот. Дефицитот е таргетиран на 3,6% што е прближно на претходното ниво и обебздува задржување на долгот на стабилно ниво. Стапката на раст се ревидира надолу од 4% на 3,5%, а причина за ова според Ставрески, е политичката криза во земјата и кризата во еврозоната заради грчкиот долг.

– Буџетските проекции секогаш мора да се реално и стручно направени. Случувањата во првите шест месеци од годината мора да се рефлектираат на буџетот до крајот на годината како и на растот на БДП. Во првите три месеци имавме солиден раст од 3,2%, но во вториот квартал заради пролонгирањето на политичката криза како и неизвесноста од случувањата во Грција и еврозоната, очекуваме извесни рефлексии на индустриското производство и на другите параметри. Затоа во оваа фаза сметаме дека растот ќе изнесува 3,5% до крајот на годината, вели Ставрески.

loading...