Јане Велковски во сторијата на УЕФА: Играм фудбал иако не можам да одам

УЕФА ја објави сторијата за деветгодишниот Јане Велковски од Скопје, момчето во количка кое живее за фудбал.

„Фудбалот е сè во мојот живот. Играм на видеоигри,  играм во двор и играм на училиште. Фудбал играм секаде. Не можам да одам, но не дозволувам никој да се шегува на сметка на мојот проблем со одењето. Сакам на светот да му пренесам порака дека сите сме еднакви и дека лицата со инвалидитет можат да ги прават истите работи како и другите. Дури и да не можат, тоа не значи дека не можат да уживаат во животот“ – вели Јане.

Неговиот инвалидитет не го спречува да игра фудбал. Тој е прв на игралиштето кога неговите другари одат да играат и тој е последната линија на одбрана во неговиот тим бидејќи игра на голот. Јане е многу отворен и гласен. Тој ужива да им дава насоки на одбранбените играчи и да им кажува кого да маркираат, и јасно е колку неговите соиграчи го почитуваат неговиот авторитет.

„Кога играм фудбал се чувствувам еднаков, убаво ми е бидејќи можам да учествувам во играта. Убаво ми е што можам да ја водам екипата, што можам да победувам и што сум капитен. Среќен сум кога победуваме и тажен сум кога губиме“, раскажува Јане во сторијата на УЕФА.

Во 2015 година Јане беше во Париз на операција за корекција на ‘рбетниот столб. Секои шест месеци оди на третмани со надеж дека така ќе му се зголемат шансите да прооди.

Во Европската фудбалска федерација на Јане гледаат како на вистинска мала сензација во Македонија. Неговата популарност почна да расте кога за првпат се појави како придружба на репрезентацијата на Македонија на квалификацискиот натпревар против Шпанија во јуни. Но, една фотографија од УЕФА суперкуп-натпреварот во Скопје неколку месеци подоцна, која беше вистински хит на социјалните мрежи и во локалните медиуми, навистина го привлече вниманието во земјата.

„ Кога УЕФА Суперкупот се одржа на арената ‘Филип Втори’ влеговме во една соба во која имаше постери на ѕидовите. Се фотографирав со двете екипи, но кога го видов постерот од Роналдо каде што тој се радува по постигнат гол, си реков дека можам да го имитирам. Го замолив дедо ми да ме фотографира и ја имитирав позата на Роналдо. Тоа е одлична фотографија“, раскажува Јане.

Scroll to Top