Летниот хит „Despacitо“ забранет во Малезија

Властите во Малезија го забранија емитувањето на песната „Despacito“ поради „неисламскиот текст“ во овој популарен летен хит.

Јужноазиската земја има строги закони за цензура со кои и претходно забранувала песни, филмови и други материјали со „чувствителна содржина“.

„Песната ‘Despacito’ веќе нема да се емитува на државните радиостаници и телевизии поради бројните поплаки што ги добивме од јавноста. Текстот на песната е недоличен за слушање и е неисламски“, рече малезискиот министер за комуникации Салех Саид Керуак.

Локалните медиуми објавија дека министерот рекол дека и приватните радиостаници треба да го цензурираат емитувањето на песната, имајќи ја предвид локалната култура.

Малезиската исламска партија уште претходно повика да се прекине емитување на песната со објаснување дека многу деца ја пеат без да го знаат значењето на текстот.

„Despacito“ на Луис Фонси е прогласена за најслушана песна на сите времиња откако беше емитувана 4,6 милијарди пати во период од шест месеци на разни музички платформи ширум светот.

Scroll to Top