На островот Икарија во Грција луѓето живеат најдолго

Третина од населението  кое живее на островот Икарија во Грција има над 90 години. Со Сардинија во Италија, Никоја на Костарика, Окинава во Јапонија и Лома Линд во Калифорнија, Икарија се наоѓа во Сината зона, или е едно од петте места на светот каде што луѓето живеат најдолго.

Експертите тврдат дека здравата исхрана и активноста се клуч за долг живот на островјаните. Лекарите и антрополозите наведуваат дека многу важен фактор се и блиските односи со семејството и соседите.

„Икаријанците се трудат да останат блиски со семејството и соседите, а најстарите играат важна улога во заедницата. Бабите и дедовците често се грижат за внуците и ги водат семејните работи“, се наведува во проектот Сина зона.

Докторот во пензија Кристодулот Ксенакис има теорија дека мештаните од грчкиот остров избегнуваат непотребни грижи и тоа влијае на нивната долговечност.

„Овде не се договараат состаноци“, вели 81-годишниот доктор, кој на островот важи за млад човек.

Вели дека времето на островот е важно, но не на начин на кој другите размислуваат за тоа.

„Договорите се сведуваат на: ‘се гледаме наутро, попладне или навечер’. Не се грижиме за тоа”, вели Ксенакис.

Мештаните преку целиот ден се во движење. Често организираат регати, а долната старосна граница за капитените е 70 години.

 

 

Scroll to Top