НАСА пронајде сончев систем со осум планети

Американската вселенска агенција НАСА во соработка со компанијата „Гугл“ откри нова планета во системот Кеплер 90, кој засега е најсличен со соларниот систем на Земјата. Ова откритие овозможи нов пристап кон вештачката интелигенција и начин на обработка на податоците собрани со телескопот „Кеплер“.

„Нашиот соларен систем сега има ист број планети – осум, како и Кеплер 90, ѕвездата слична на Сонцето, која е оддалечена 2.545 светлосни години од Земјата, по новото откритие на осмата планета што кружи околу неа“, рече на прес-конференцијата портпаролот на НАСА.

Астрономите на НАСА досега ги набљудуваа подрачјата во околината на над 150 илјади ѕвезди во вселената. Новото откритие е резултат на повторното пребарување на подрачјето околу системот Кеплер 90. Тогаш е забележана новооткириената планета, која е осма во системот, со што тој има ист број планети со нашиот Сончев систем.

Телескопот „Кеплер“ е лансиран во 2009 година, а досега идентификува над 2.500 планети. Триесет планети се наоѓаат во зоната во која научниците веруваат дека би можело да постојат услови за живеење.

Експертите на НАСА истакнаа дека ќе ја продолжат потрагата по живот надвор од Земјата.

Scroll to Top