Отворена првата продавница без продавачи и редови за плаќање

Во Сиетл е отворена првата продавница без продавачи и редови за плаќање. Станува збор за продавница на „Амазон го“, која изминатата година ја тестирале работниците на „Амазон“, а сега е конечно отворена за јавноста.

Новоотворената продавница користи низа камера што се монтирани на плафонот и кои го идентификуваат секој купувач и ги препознаваат артиклите што тие ги избираат, со што се елиминира потребата за посебно читање и наплата на избраните артикли на каса, пишува usb.mk.

Сите артикли со кои си заминува купувачот автоматски се наплатуваат, а износот се одзема од кредитната картичка на купувачот. При секое влегување во продавницата секој мора да се пријави со скенирање на својата апликација „Амазон го“ преку паметниот телефон. Сензорите на полиците ги додаваат артиклите на сметката на купувачот, односно ги бришат во случај тој да ги врати.

Концептот за наплата без продавач е започнат во декември 2016 година, но продавницата во Сиетл досега ја користеа само вработените во „Амазон“ за да се уверат во функционалноста на системот. Се очекуваше продавницата да биде отворена и претходно, но тоа било одложено бидејќи системот имал проблеми при идентификацијата на купувачите што имале слична градба на телото и со децата што ги враќале артиклите на погрешно место на полиците.

Според Брајан Олсавски, директор за финансии на „Амазон“, компанијата планира да отвори повеќе вакви продавници.

Scroll to Top