По 35 години, повторно се отвораат кина во Саудиска Арабија

Саудиска Арабија ќе дозволи отворање јавни кина, а првото, најверојатно, ќе биде отворено во март во 2018 година, соопштија од Министерството за култура и информации во оваа земја.

„Како индустриски регулатор, Генералната комисија за аудио-визуелни медиуми почна процес на лиценцирање на кината во Кралството“, изјави министерот за култура, Салех Алауад, во соопштението, пренесува „Ројтерс“.

Според неговата изјава, се очекува првото кино да биде отворено во март 2018 година.

Во Саудиска Арабија кината се затворени во 1980-тите години, во текот на бранот на ултраконзерватизмот во земјата, пренесува АП со констатација дека тоа ќе биде прво кино што се отвора по 35 години.

Како што се наведува, престолонаследниот Мухамед бин Салман настојува државата повеќе „социјално да се отвори“, што подразбира отстранување на забраната за жените да возат, да се одржуваат концерти и други видови забава.

 

Scroll to Top