Романтика во центарот на Скопје

Илија Јовановиќ, кој растел во домот за деца без родители, а денес има три свои, вчера, шетајќи се низ центарот на Скопје, наишол на љубовни пораки оставени на клупата и на плочникот во близина на градскиот плоштад.

Решил да го фотографира овој момент од мерак, но и затоа што го израдувал фактот дека во градот сè уште има романтични парови.

Илија Јовановиќ, кој е претседател на Здружението за заштита и помош на маргинализираните групи граѓани, ни раскажа за случката во близина на плоштадот.

„Некој пред да стасам јас веројатно ја побарал за жена својата сакана на ваков романтичен начин. Се шетав со ќерка ми кога ги видов овие љубовни пораки, панделки и рози во центарот на Скопје. И бидејќи сум романтичен по природа, морав да фотографирам“, изјави Јовановиќ за „Репортер“.

Тој растел без родители, па вели дека веројатно недостигот на таа љубов го натерал денес да верува во неа.

„Денес имам прекрасна сопруга и три деца – двете ќерки Елена и Матеа и синот Филип. Се надевам дека овој романтичен гест дека ќе ги инспирира и другите вака да си ја искажат љубовата“, рече Илија.

(А.Г.)

Scroll to Top