Скопјани ќе трчаат 10 километри

Трката на 10 километри ќе се одржи на 8 октомври долж улиците на Скопје, во пресрет на 11 Октомври – Ден на востанието. Скопјани под името „Скопје трча 10 км“ ќе трчаат за развој на спортскиот дух и зголемена афирмација на рекреативното трчање во Македонија.

„Свесни за трчањето како спортски општествен феномен кој зазема значаен дел од животот на спортистите, рекреативците и обичниот човек, решивме да го пополниме мозаикот со уште една квалитетна трка со која сакаме да придонесеме трчањето да добие уште повеќе на масовност и квалитет. Очекуваме трката да прерасне во традиционален и меѓународен настан“, истакна Гордана Николовска од Сојуз на спортови на Скопје.

Пријавувањето за „Скопје трча 10 км“ е отворено од пред една недела и се очекува голем интерес.  Сите кои го сакаат трчањето можат да се пријават на „Скопје трча 10 км“, а стартните пакети ќе се подигаат на 7 октомври во СЦ „Борис Трајковски“.

„Скопје трча 10 км“ ќе се одржи в недела, на 8 октомври 2017, долж улиците на главниот град. Покрај трката на 10 километри, ќе се одржи и штафетна трка на 2 х 5 километри. Во склоп на трката на 10 км интересно е да напоменеме дека ќе има и тимско натпреварување, а со тоа очекуваме компаниите повторно да ги одмерат своите спортски сили.

„Скопје трча 10 км“ (Skopje Run 10K) се организира од страна на Сојуз на спортови на Скопје, Атлетски клуб Работнички и Атлетска федерација на Македонија. Пријавувањето почна во петок, 15.09.2017, и секој кој е заинтересиран за регистрација може да ја посети официјалната веб-страница: http://www.skopje.run/.

Генерален покровител на „Скопје трча 10 км“ е Агенција за млади и спорт, помогната од партнерите и спонзорите. Оваа трка е влезена во календарот на Атлетската федерација на Македонија (АФМ) и Европската атлетска асоцијација (ЕАА), а од следната година е предвидено да стане член на Меѓународната асоцијација на маратони и улични трки (АИМС).

Scroll to Top