Tајната на подземните ходници под улица „Македонија“

Во 1963 година, тогаш дванаесетгодишиот Људмил, Македонец кој денес живее во Австралија, открил урбаната мистерија врзана за старо Скопје. Тој ја раскажал неверојатна приказна за тајните ходници што како дете ги открил под сегашната улица „Македонија“ во центарот на Скопје. Тој претпоставува дека по ходниците одамна се движела турската војска.

„Кога Турците бегале за Истанбул силно потиснати од нашите, меѓу останатите работи што ги носеле со себе биле и три коњски коли полни со злато. Само што немало никаква шанса да ги потераат коњите во тунелите. Влечеле претоварени коли. Трите коли со шест луѓе на нив и по четири коња на кола биле затрупани некаде под земја. Тие решиле дека е подобро да го затрупаат златото отколку да бидат фатени со него и да бидат убиени. На овој начин тројца турски големци успеале да избегнат сигурна смрт.

Оваа информација ја имам од многу одамна од еден стар скопјанец кој е одамна починат. Оваа урбана легенда дополнително го разгори мојот љубопитен авантуристички дух“, рекол Људмил во едно интревју.

Во 1963 година тој открил капак и мистериозен ходник под него, па тогаш добил идеја да истражи со надеж дека ќе ја разоткрие урбаната легенда која ја чул од старецот. Но, токму тогаш Скопје било погодено од катастрофалниот земјотрес. Руините на градот ја направиле оваа негова авантура речиси невозможна.

„Ние речиси го изгубивме нашиот дом. Куќата го издржа земјотресот со мали оштетувања, но сепак се преселивме во населбата Влае. Иако не запрев со истражувањето на сите тунели и отвори што ги наоѓав, многу од местата каде што проценував дека водат, беа урнати и како да ја голтнаа тајната во себе. Легендата за тунелите под Скопје и златото на турските големци за мене остана урбана мистерија, која и понатаму ме скокотка,“ ја завршува Људмил својата приказна.

Scroll to Top