Тажната судбина на девојчето со најубави очи во светот

Ликот на Шарбат Гула, девојчето од Авганистан што се најде на насловната страница на „Нешнал џиографик“ во 1985 година, и понатаму е препознатлив во целиот свет. Ова е и денес најпрепознатливата насловна страница на списанието. Фотографијата ја направил Стив Мек Кари, кој работел на приказна за советската окупација на Авганистан и за бегалската криза.

Иако немал често можност да слика жени, го повикале да фотографира во импровизирано училиште, каде што учеле девојчиња кои не носеле бурки и чиишто лица биле откриени. Името на девојчето што го сликал било обелоденето 17 години подоцна. Мајката на Шарбат починала кога девојчето имало осум години, а таа со татка си, четирите сестри и братот пребегнале во Пакистан. На почетокот живееле во бегалски камп. Татко ѝ ја омажил кога наполнила 13 години, но маж ѝ починал од хепатит Ц пет години подоцна. Од истата болест починала и нејзината најстара ќерка.

Во 2002 година Шарбат повторно се нашла на насловната страница на реномираниот магазин како позира со својата стара фотографија. На новинарите им требала речиси цела година да ја пронајдат девојката.

Денес таа е болна 40-годишна жена, но во интервју за магазинот рекла дека се надева дека конечно ќе го пронајде својот мир. Неколку години претходно ја продала куќата во Пакистан од страв дека може да ја уапсат бидејќи немала лични документи, кои не ѝ биле дадени ни кога имигрирала од Авганистан. Само два дена пред да се врати во родната земја со децата, во полициска рација била уапсена и затворена. Поминала една недела во затвор, а потоа една недела во болница каде што ја лекувале од хепатит Ц.

 

„Тоа беа најтешките денови од мојот живот“, раскажала Шарбат за „Нешнал џиографик“.

Кога Пакистанците сфатиле која е затворената жена, ѝ понудиле да остане во земјата, но таа одбила. Побарала само документи за да може да влегува во земјата за да ги посетува гробовите на сопругот и ќерката.

Шарбат има шест деца и ниедно од нив ја нема нејзината боја на очи.

Scroll to Top