Топката и чоколадите станаа „ајфон“

„Драг Дедо Мраз, оваа Нова година под елката сакам да најдам „ајфон“, на кој ќе можам да ги симнам најновите игри“, стои напишано во писмото на еден четвртоодделенец адресирано до Дедо Мраз.

Но, не е само „ајфонот“ на листата со желби на децата што сѐ уште веруваат во Дедо Мраз. Тука се и скапите модели на другите брендови на телефони, лаптоп, „ајпод“, видеоигри, па дури и дрон. Ретко кој сега на Дедо Мраз му бара чоколади, бонбони, кукли, топка, Барбика, лижавчиња-бастунчиња… сѐ она што некогаш сакале децата да го најдат под елката.

Ретко кој сега на Дедо Мраз му бара чоколади, бонбони, кукли, топка, Барбика, лижавчиња-бастунчиња

Според истражувањата на веб-страницата „Ебатес“, дури 88 проценти од децата на возраст од 9 до 15 години па и оние до 17, за Нова година сакаат подарок технолошки уред. Тоа се случува и кај нас во Македонија.

„За жал, времето на технологијата си го направи своето. И родителите секако мора да се адаптираат на новото време и на желбите на децата. Речиси ретко кое дете бара за Нова година проста играчка, чоколадо, топка, кукла… Сите сакаат „ајфон“, велат повеќето психолози во училиштата од Македонија.

Денес сѐ помалку деца веруваат во Дедо Мраз, дека тој доаѓа со санката што ја влечат ирвасите од Лапонија за да им дели подароци

Дури и на часот кога наставниците прават истражување во основните училишта и ги прашуваат кој што сака, на прсти се бројат оние што бараат нешто едноставно што лесно може да се купи, особено гледано финансиски.

„Она што се случува сега е што сѐ помалку деца веруваат воопшто во Дедо Мраз, дека тој доаѓа со санката што ја влечат ирвасите од Лапонија, па им дели подароци на сите. Сега на интернет децата комуницираат со Дедо Мраз и така прават нарачки“, појаснуваат училишните психолози.

Но, велат тие, не можеме да ги обвиниме децата. Сепак, тука се виновни и родителите што ги купуваат сите овие работи.

Секоја година сѐ повеќе им растат апетитите на децата, а родителите стануваат сѐ побеспомошни да кажат не и на кој било начин ги исполнуваат желбите

„Има родители што можат да си дозволат да купат „ајфон“, но повеќето не можат, ама ќе присоберат пари за некој друг телефон, кој е поевтин. Тешко дека сега можеме да ги вратиме децата во она време на чоколади и бонбони. Технологијата си го направи своето“, додаваат психолозите.

Според нив, ретко кој сега не зависи од телефонот. Најчестата слика во едно четиричлено семејство е како сите во домот, и родители и деца, се со некој технолошки уред в рака, сеедно дали е телефон, лаптоп, компјутер.

„Секоја година сѐ повеќе им растат апетитите на децата, а родителите стануваат сѐ побеспомошни да кажат не и на кој било начин ги исполнуваат желбите“, е ставот на психолозите.

Александра Георгиев

Scroll to Top