Верувања и обичаи за Бадник и Божик

Православните христијани имаат бројни и различни обичаи и верувања за Бадник и Божик.

Бадник името го добил по гранката од даб, бадник, што се сече тој ден, па се внесува дома и се пали. Во минатото луѓето станувале во рана зора, сечеле бадникови гранчиња и до вечерта ги чувале покрај куќата, а дури потоа ги ставале во огништето. Денес бадниковите гранки најчесто се купуваат на пазар, се носат дома и се палат по вечерата. Се верува дека колку повеќе пука додека гори гранчето, толку повеќе пари ќе има во домот во таа година.

Бадниковата трпезата е посна и најчесто се подготвуваат риба, подварок или грав, салата од зелка или компир. За вечерата се подготвува и посна сарма, се меси посна пита со зелка, ориз или грав, а некои домаќинки прават и пита со тиква. Паричката за среќа се става во лепче или во питата. Според народното верување, паричката му се паѓа на тој кому му треба најмногу среќа во годината што доаѓа. Лепчето со паричка или питата се дели од најстариот кон најмалиот член на семејството, а се одвојува и парче за домот и за Господ. Се верува дека на овој ден треба да се врати сè што е позајмено и да се смириме со сите со кои сме се расправале за целата наредна година да помине во мир и слога. Според обичаите, храната не се трга од трпезата, туку од истата се појадува следниот ден, па дури потоа се расчистува.

Божик е највеселиот православен празник со кој се слави раѓањето на Исус Христос. Обичај е првиот човек што ќе влезе дома на Божик да е пријател на куќата кој треба на домот и на домашните да им донесе здравје, среќа, благосостојба и мир. Симболично, првиот човек што ќе дојде во домот ги претставува тројцата мудреци кои ја следеле ѕвездата од Исток и кој Исус го дарувале со темјан, злато и мириси.

Во минатото на божикното утро домаќинката месела погача со паричка и лепчето се кршело на божикното утро, но денес овој обичај се пренел на бадниковата вечера. Појадокот на Божик може да биде првиот мрсен оброк по божикните пости.

Scroll to Top