(Видео) Концертот на Стинг го исполни сонот на браќата Авалон

Вчеравечер во спортскиот центар „Борис Трајковски“ се одржа долгоочекуваниот концерт на Стинг. Бобан Милошески, сопственикот на Авалон продукција, овој концерт му го посвети на својот починат брат Даниел. По крајот на концертот објави фотографија од британскиот музичар и под неа напиша „Данче, успеавме“. Авалон продукција по 15 години преговори го донесе Стинг во Македонија, а вчерашниот концерт беше исполнување на заедничкиот сон на браќата.

Фото: Авалон продукција

Спортскиот центар беше премал да ги собере сите што сакаа да го слушнат Стинг во живо. Публиката, луѓе од сите генерации, реагираше бурно на секоја негова песна. Доволен беше мал потег со раката, извик во текот на песната или акорд од гитарата на Стинг за цела сала да ја прифати поканата да пее заедно со него.

Фото: Авалон продукција

Концертот е дел од турнејата 57th & 9th на која Стинг го промовира истоимениот албум. Вечерта започна со заедничкиот настап на пејачот и неговиот син Џо Самнер, кој му е специјален гостин на оваа турнеја. По првата песна Стинг се повлече од сцената, а Џо остана да ја загрее публиката. На македонски јазик ѝ се обрати: „Татко ми мисли дека знам да зборувам македонски. Што има, Скопје?“

Фото: Авалон продукција

Од Стинг наследил неверојатен талент, а публиката реагираше позитивно на огромната сличност во гласовите на двајцата пејачи. Стинг звучи идентично и кога пее во живо и кога слушате негов снимен материјал на ЦД. Пејачот има 66 години, моќен глас и огромна енергија која ја пренесува на публиката.

Во текот на концертот испеа некои од своите најголеми хитови: Englishman in New York, Mad About You, Fields Of Gold, Shape Of My Heart, Desert Rose и Roxanne во комбинација со Ain’t No Sunshine When She’s Gone, но и песни од новиот албум: Petrol Head и 50.000. Публиката со огромен аплауз и овации го врати два пати на бис.

Фото: Авалон продукција

Концертот заврши со изведбата на Fragile, по што со својот бенд се поклони пред присутните. Понесен од атмосферата, пред да си замине од сцената, Стинг рече: „Мислам дека би требале да се вратиме тука“.

Андријана Јовановска

Scroll to Top