Жарко Лаушевиќ специјален гостин на „Киненова“

Од 6 до 11 октомври во кината „Синеплекс„, „Милениум“, киното „Култура“ и Кинотеката на Македонија ќе се одржи второто издание на фестивалот за дебитантски филм „Киненова“. Организаторите најавија дека специјален гостин на фестивалот ќе биде српскиот актер Жарко Лаушевиќ кому ќе му биде доделено признание за особен придонес во филмската уметност.

Посетителите ќе може да проследат богата програма со филмови кои се прв или втор долгометражен филм на режисерот. Идејата на фестивалот е да се откријат, промовираат и афирмираат нови недоволно истакнати автори.

Фестивалот ќе додели награди за најдобар филм, режија, сценарио и за најдобар филм според публиката, а ќе се натпреваруваат десет филма од девет земји. Филмовите ќе ги оценува стручно жири, во кое членуваат Горан Марковиќ, Хулија Учансу, Синоличка Трпкова и Игор Гало.

Во рамките на „Киненова“ ќе има и работилница за развој на сценарија за кратки филмови од млади македонски сценаристи, а ментор ќе биде Џон Стивенс. Предвидени се и панел-дискусии, трибини и мастеркласи.

Билетите за проекциите ќе чинат 100, односно 150 денари.

Scroll to Top