Владимир Четкар: „Правењето четки е семеен занает, јас се решив за музика“

Македонскиот џез-музичар Владимир Василески прекарот Четкар го наследил од неговиот дедо и татко, стари занаетчии кои се занимавале со правање четки. Иако како дете и тој научил како се прават четки, ја избрал музиката како своја професија. Студиите ги завршил на еден од најпрестижните музички колеџи во светот – „Беркли“.

Со години живее на релација Македонија – Америка и токму неговото постојано патување е инспирација за последниот сингл Travel the World.

„Тоа е мојот начин на живот. Сфатив дека повеќе се спознавам себеси кога патувам. Животот е толку краток што секогаш сакам да одам на нова дестинација. Важно е да патуваш и да го одржуваш детето во себе живо,“ рече Четкар.

Од секое патување објавува интересни фотографии. Некои од нив се направени од случајни минувачи, некои од пријателите со кои патува, но призна дека многу од нив ги фотографира неговата девојка.

„Кога си во оваа работа, важно е да немаш љубоморен партнер. Но, не, не сум оженет“, рече тој.

Следната дестинација на музичарот е југоисточна Азија, каде што го очекуваат неколку концерти, а потоа планира да се врати во Америка и да го заврши долгонајавуваниот албум.

„Работам сѐ сам. Но, секој квалитетен музички продукт мора да биде експортиран надвор. Ако останеш на едно место, тоа значи дека нешто не е во ред, барем кога е мојава работа во прашање“, раскажува музичарот.

Сака сите емоции што ги доживува да ги преточи во музика, лирика, идеи, емоција.

„Музиката е само далечински управувач меѓу душата и финалниот производ, а тоа е емоцијата.  Не бркам тренд, имам свој стил. Јас сум газда на својата музика, не сум ја продал душата на ѓаволот, не сум ги продал правата и тоа е иднината на секој зрел музичар – да раководи сам со себе“, вели Владимир Четкар во интервјуто за „Репортер“.

Андријана Јовановска

Scroll to Top