Асанж: Почна првата интернет-војна меѓу Каталонија и Шпанија

„По падот на Берлинскиот ѕид, ова е најголемиот конфликт на Западот меѓу народите и државите“.

„Ова е почеток на првата интернет-војна“, изјави Џулијан Асанж. „Се води војна меѓу Каталонија и Шпанија. Владата и народите на Каталонија го користат интернетот за да организираат свој референдум за независност, а шпанските тајни служби истовремено го задушуваат. Ги уништуваат и другите телекомуникации и воведуваат цензура“.

Основачот на „Викиликс“ додаде:

„По падот на Берлинскиот ѕид, ова е најголемиот конфликт на Западот меѓу народите и државите. Интернет-војната во Каталонија е само дел од тој конфликт“.

Асанж ги повика своите следбеници на сите платформи каде што се наоѓаат да ги означат Барселона, знамето и знаците за да покажат солидарност со Каталонците.

Асанж изјави дека на тој начин ќе им се помогне на Каталонците да се заштитат од агресивното шпионирање и напад со цензура зад кои стои шпанската државна безбедносна служба.

Полицијата во дел од Каталонија наложи да се блокираат сите можни избирачки места и да им се одземат гласачките ливчиња и со тоа да им се оневозможи референдумот за независност.

Шпанската влада соопшти денеска дека полицијата затвори 1.300 од 2.315 училишта во Каталонија кои биле подготвени како гласачки единици на референдумот за независност на Каталонија, кој официјален Мадрид не го признава.

Изворот на шпанската влада изјави дека Каталонците окупирале 163 училишта означени како избирачки места, пишува „Ројтерс“.

Шпанската полиција се инфилтрира денеска во телекомуникациското и технолошко седиште на каталонската влада, извести новинската куќа „Вангарда“ повикувајќи се на тврдењата на RAC1.

 

Scroll to Top