Браќа близнаци планирале напад во Њујорк

Двајца браќа близнаци се уапсени во Њујорк кога полицијата откри околу 15 килограми експлозивен материјал во нивниот стан.

Федералното обвинителство на Менхетн соопшти дека едниот брат, 27-годишниот професор Кристијан Торо, бил под надзор кога во декември во гимназијата во која работел била испратена дојава за бомба. Кон крајот на јануари професорот ја напуштил работата, а неговиот брат Тејлор Торо во училиштето го вратил неговиот службен лаптоп во кој биле пронајдени инструкции за изработка на експлозивна направа.

Според истрагата на њујоршката полиција и ФБИ, најмалку двајца ученици пријавиле дека Кристијан Торо им плаќал по 50 долари на час за да складираат барут извлечен од петарди.

Вчера полицијата изврши претрес во станот на близнаците, каде што биле пронајдени 15 килограми експлозивен материјал кој може да биде искористен како калиумов нитрат, барут и метални топчиња.

Во станот во Бронкс пронајден е и тефтер на Торо со потенцијално заканувачки реченици, како: „Кога ќе пристигне полната месечина, малите луѓе ќе го препознаат теророт“.

Градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, изјави дека не постоела непосредна закана, но дополни дека истрагата веројатно спасила многу животи.

 

Scroll to Top