Холандската полиција ќе ги „соголува“ граѓаните кои носат скапа облека

Полицијата во Ротердам од сега на таргет ќе ги има младите луѓе кои носат облека што е премногу скапа за да можат да си ја дозволат.

Властите велат дека со ваквата контроверзна пракса ќе се помогне на службите да го намалат криминалот во холандскиот град.

Полицијата наскоро ќе ги распореди своите службеници, кои ќе бидат стручно оспособени, за да ги распознаваат луѓето чија облека не одговара на нивните претпоставени приходи, пишува весникот „Де Телеграф“.

Локалната полиција вели дека преку ваквите мерки ќе се намали криминалот на улиците низ Ротердам. Се чини дека со ваквата пракса повеќе ќе бидат погодени малцинствата за разлика од автохтоните холандски граѓани.

„Тие често се млади гости кои себеси се сметаат за недопирливи“, изјави шефот на полицијата во Ротердам, Френк Пау, за медиумите.

„Ние ќе ги тргнеме од улиците. Полицијата ќе ги скенира нивните луксузни часовници, кои се симбол на статусот за младите луѓе во овој град“, изјави Пау.

Полицијата исто така ќе бара и скапи јакни и ексклузивни капути. Луѓето кои полицијата ќе ги цели се оние кои не оствариле никаков доход, па прашањето ќе биде од каде дошле до тие луксузни предмети.

„Знаеме дека носат облека што е прескапа со оглед на тоа колку пари заработуваат“, изјави портпаролот на полицијата во Ротердам.

„Ние ќе истражиме како дошле до таа облека, од каде ја купиле, од каде имаат пари за сето тоа“, вели шефот на полицијата.

Полицијата тврди дека луѓето кои носат убава и скапа облека, а немаат пари за истата, испраќаат погрешна порака во јавноста.

Критичарите се огласија на ваквата идеја, укажувајќи дека иницијативата од правно гледиште се граничи со расизам.

Но, во 2016 година анкетата утврдила дека повеќето холандски граѓани го одобруваат расното профилирање што го спроведува полицијата.

На прашањето дали е прифатливо полицијата да ги издвојува луѓето на темел на нивната етничка припадност или боја на кожа, 64 проценти од испитаниците изјавиле дека е в ред тоа да го прават. Анкетата исто така покажала дека 32% од Холанѓаните сметаат дека етничкото профилирање е еден вид расизам.

Scroll to Top