По 30 години, маж докажа дека Хулио Иглесијас му е татко

Судот во Валенсија потврди дека 43-годишниот Хавиер Санчес е биолошки син на ѕвездата Хулио Иглесијас. Популарниот музичар и мајката на Хавиер, балерината Марија Едите Сантос, имале кратка љубовна врска во 1975 година. Но Иглесијас повеќе од 30 години одбивал да го признае Хавиер за син.

Санчес пред три децении ја почнал постапката за докажување на татковство. Седумдесет и петгодишниот пејач никогаш не се согласи да даде примерок од ДНК, но судијата заклучил дека постои очигледна физичка сличност. Хулио не беше присутен на изрекувањето на пресудата.

Судијата во својот заклучок рекол дека Марија Сантос дала веродостојни докази дека била во врска со Иглесијас во времето кога Санчес бил зачнат.

„Госпоѓа Едите имаше афера со Иглесијас во Каталонија во 1975 година и девет месеци подоцна се роди Хавиер“, изјави нејзиниот адвокат по пресудата.

Во 1992 година Иглесијас го доби случајот на суд, но пресудата брзо потоа беше поништена. Познатиот музичар има вкупно осум деца од две врски, меѓу кои и популарниот пејач Енрике Иглесијас.

Scroll to Top