Индијански хороскоп

Индијанскиот хороскоп е сличен на обичниот хороскоп, но разликата е во тоа што неговите знаци се поврзани исклучиво со животните и нивната улога во природата.

ГУСКА 22.12–19.01
Ако сте родени во овој знак, вие поседувате внатрешна мудрост и амбициозно чекорите кон постигнувањето на вашите цели. Родените во знакот Гуска најчесто успеваат во животот, меѓутоа според нив, секој успех доаѓа само со напорна работа. Најголема нивна слабост е тоа што се преголеми идеалисти и тоа често им го комплицира животот.
Како што гуските сакаат да бидат слободни, така и вие многу ја сакате слободата, па затоа сами се трудите да ги остварите вашите цели, не дозволувајќи им на другите да ве попречуваат во тоа. Вашата надворешност покажува еден ладен карактер, како кварцот, па често сте воздржани и ладни во вашите односи со блиските. Ги сакате луѓето околу вас, но се плашите да се отворите пред нив затоа што сте премногу чувствителни и лесно можат да ве повредат. Често сте непоправливи злопамтила и ако некој ве навреди, никогаш не заборавате. Индијанците ја користеле кората на брезата за врз неа да запишуваат пораки, кои потоа се предавале од колено на колено. Од таму доаѓа и вашата длабока поврзаност со традициите и семејните обичаи. Вашиот традиционален карактер многу тешко ги прифаќа промените и често се спротивставувате на сè што е ново.
Многу е тешко да се заљубите на прв поглед, пред сè поради вашиот страв да не бидете повредени. Обично влегувате во љубовна врска со луѓе со кои се познавате долго време, но откако ќе стекнете доверба во некоја личност, вие знаете да сакате со целото свое срце и сте верни партнери. Откако ќе оформите семејство имате големи очекувања и барања од вашите деца и најчесто тие се многу дисциплинирани. Машките претставници на овој знак се неуморни љубовници, додека женските се многу нежни и емоционални.
Најмногу си одговараат со: Дабар, Клукајдрвец, Кафеава мечка и Змија.

ВИДРА 20.01–18.02
Видрата е животно кое времето го минува во јадење, спиење, сончање и игра. Затоа, родените во овој знак се весели и непредвидливи личности, кои сакаат да си играат со идеите и зборовите. Ако вашиот знак е Видра, тогаш вие сте исклучително интелигентни, остроумни и дури имате развиено толку силна интуиција, што знаете да ги „читате” луѓето. Вашиот карактер не ви дозволува да сте злопамтила и многу лесно ги заборавате лошите работи кои ви ги направиле. Сакате сè да пробате сами, но не затоа што ви е многу важно знаењето кое ќе го стекнете, туку затоа што сакате тоа знаење да е стекнато преку сопственото искуство. Меѓутоа, треба да сфатите дека вашето знаење е залудно доколку не го споделите со другите, а тоа е една од работите кои вие не сакате да ги правите. Вашето растение е трепетлика, а таа му придава на вашиот карактер еластичност и чувствителност. Вие ги мразите озборувањата и предрасудите и често сте поборници за еднаквост меѓу луѓето. Исто како и среброто, вие сте скапоцени за оние кои ве познаваат, бидејќи сте прекрасни пријатели и со огромно задоволство им помагате на вашите блиски. Понекогаш ви е многу тешко да ги покажете вашите емоции, затоа што го преферирате интелектуалното пред сентименталното.
Кога станува збор за љубов, вие го претпочитате принципот топло-ладно. Можете со часови да зборувате и флертувате со претставници на спротивниот пол, а потоа одеднаш да се однесувате како ништо да не се случило. Тоа е поради вашата љубов кон игрите. Но, откако ќе стапите во љубовна врска, вие се претворате во прекрасни партнери. Вам ви е многу важно да знаете дека вашиот партнер ве сака такви какви што сте. Откако ќе создадете семејство, целата ваша љубов им ја давате на вашите деца, со кои сте длабоко и емоционално поврзани.
Најмногу си одговараат со: Елен, Сокол, Гавран.

ВОЛК 19.02–20.03
Исто како волкот, вие сакате да имате сопствена територија и дозволувате во неа да влегуваат само луѓе на кои им верувате. Вие сте затворени и мистични личности. Многу тешко се отворате пред луѓето и најчесто вашите чувства остануваат неискажани. Луѓето родени во овој знак се уметници со таинствен акцент кои ја сакаат убавината, без разлика дали се работи за убавина во природата, музиката или сликарството. Доколку сте родени во знакот Волк, и покрај вашата надворешна воздржаност, внатрешно сте многу чувствителни и лесно ранливи. Ако некој ви докаже дека ве почитува, вие станувате добродушни соработници, полни со толеранција. Имате способност да им ја враќате на луѓето енергијата кога се исцрпени, па тие често доаѓаат кај вас. Карактеристична професија со која може да се занимаваат претставниците на овој знак е психологијата. Вашето растение е тегавецот, чии корени навлегуваат длабоко во земјата и покажуваат дека ви е неопходна цврста основа за да се издигнете високо во општеството.
Вие повеќе од било кој друг знак имате потреба од луѓе кои ќе ве разбираат, ќе ја проценат вашата вредност и ќе ви укажат на тоа. Во љубовна врска сте многу романтични и секогаш безрезервно го давате вашето срце. Не ги сакате привремените авантури и секогаш сте во потрага по идеалниот партнер. Откако ќе го пронајдете, целосно му се предавате. Женските претставници на овој знак се женствени и лесно се прилагодуваат. Ги сакаат нежните бакнежи
и слатките зборови на своите партнери. Машките пак се полни со нежност и почит кон своите партнерки. Претставниците на знакот Волк се среќни само кога и нивните партнери се среќни.
Најмногу си одговараат со: Гуска, Дабар, Клукајдрвец, Змија и Кафеава мечка

СОКОЛ 21.03–19.04
Родените во овој знак поседуваат огромна физичка, умствена и емоционална енергија. Исто како и соколот кој е роден ловец, така и вие континуирано сте во потрага по нови области за проучување. Не се плашите од новото и постојано ловите нови идеи и искуства. Поради тоа, започнатите стари работи често ги оставате недовршени.
Предодредено ви е да преживувате дури и во најтешките услови, но долгиот јазик често ви создава непријатности. Вие сте родени лидери и сакате да го наметнувате вашето мислење, но ако нешто не се одвива како што сте си замислиле, реагирате како мали деца. Навлегувате длабоко во работите и сакате да учите преку сопственото искуство. Тоа за вас е многу мачно, бидејќи никогаш проблемите не ги гледате површно. Исто како соколот, вие не сакате да се врзувате за ништо. Едноставно ја сакате вашата слобода. Вашето тежнеење кон независност може да се забележи уште од најрани години. Елементот кој ја карактеризира вашата личност е оган и вие често ја трошите вашата енергија сè додека од огнот не останат само неколку жарчиња. А за повторно да ги наполните „батериите” и да го разгорите огнот, ви помага вашиот минерал – опалот. Опалот е камен кој се поврзува со топлината, но вие
ризикувате и им ја давате таа топлина на луѓето околу вас. Тоа е така затоа што сте личности кои немаат  предрасуди и отворено ги прифаќате другите луѓе.
Вие имате прекрасен карактер, но тоа се менува кога ќе влезете во љубовна врска. Тогаш станувате љубоморни и посесивни личности, кои секогаш мора да го имаат главниот збор. Како што соколите ловат брзо, таков е и вашиот сексуален живот – не сакате долга предигра и многу нежности, туку веднаш преминувате на „главното”. Кога ќе создадете семејство, станувате големи ентузијасти, но ваша маана е што ви недостига трпение.
Најмногу си одговараат со: Елен, Лосос, Гавран, Був и Видра.

ДАБАР 20.04–20.05
Како и дабарите, така и вие ги сакате мирот и сигурноста и успешно се реализирате во вашата работа. Многу сте претпазливи и не сакате да ги преоптоварувате другите со вашите проблеми. Напротив, вие постојано се трудите да ги подобрите условите во средината во којашто живеете, но не од себичност, туку поради вашата желба да им помагате на другите. Поседувате голема интелигенција и подвижност. Поради таа ваша дарба, лесно се справувате со сите задачи. Исто како дабарот кој постојано работи, така и вие сте неуморни во вашата работа и вашите соработници можат секогаш да сметаат на вас. Многу сте креативни, а со вашата трпеливост ги решавате дури и оние проблеми од кои сите други веќе кренале раце. Ги сакате материјалните работи, а посебно оние кои прават да се чувствувате посигурни. Сакате да имате многу пари, но тоа е пред сè за да докажете колку вредите. Дури кога ќе си докажете самите себе дека овие две работи немаат никаква врска, ќе научите да уживате во животот и ќе станете пофлексибилни.
Машките претставници на знакот Дабар се личности во чиешто друштво би сакала да биде секоја жена. Тие се големи шармери со неверојатна смисла за хумор. Жената родена во знакот Дабар е женствена и дозволува во нејзино друштво да биде само вистинскиот маж, кој според неа треба да биде едноставен и авантурист. Родените во овој знак се стремат кон доминантност во љубовната врска и понекогаш дури и стануваат напорни. Ваша силна карактеристика е патријархалниот дух. Бракот го сметате за нешто свето и очекувате од вашиот партнер засекогаш да биде со вас и само со вас. Тоа доаѓа и од вашата потреба за сигурност. Вие сте многу добри родители. Кога жените родени во овој знак ќе станат родители, најчесто целата љубов им ја посветуваат на децата и се оддалечуваат од своите партнери.
Најмногу си одговараат со: Гуска, Кафеава мечка, Змија, Волк и Клукајдрвец.

ЕЛЕН 21.05–20.06
Доколку сте родени во овој знак, тогаш вашата основна карактеристика е елеганцијата и имате потреба да бидете заобиколени со убавина. Како и еленот, така и вие се одликувате со неверојатна интуиција и брза реакција. Способни сте веднаш да ги процените луѓето околу вас и да проникнете длабоко во нивната душа. Вие знаете да бидете добри пријатели, но под еден услов – да не ви досадуваат премногу. Поради тоа што сте многу зборлести и влегувате во контакт со секакви луѓе, вие најчесто имате многу познаници. Имате смисла за хумор, но таа понекогаш преминува во саркастично, непријатно и нетолерантно однесување. Надарени сте со многу способности и најверојатно имате неколку занимања. Често се трудите сите ваши способности да ги усогласите една со друга, но секогаш ви се чини дека тоа е невозможна задача. Најчесто завршувате преоптоварувајќи се истовремено со многу задачи и самите се исцрпувате. Ги сакате промените и во вас постојано гори желба за промена. Се обидувате да промените сè што ќе ви дојде при рака, но добрата страна е што сфаќате дека сите промени треба да започнат со вас, т.е. прво треба да се промените самите за потоа да ги промените другите.
Вродена карактеристика на машките Елени е дружељубивоста, која многу често преминува во флертување и во неверство. Не може многу да им се верува, бидејќи никогаш не се задоволуваат само со една сентиментална врска. Исто така, тие зборуваат толку заводнички што жените им веруваат во сè што ќе кажат. Женските Елени можат да го заведат секој маж што ќе посакаат со нивната привлечност и смисла за хумор. И двата пола ги сакаат долгите предигри и се многу креативни в кревет. Претставниците на овој знак имаат една слабост – децата. Нивната љубов кон нив е огромна.
Најмногу си одговараат со: Видра, Сокол, Гавран, Лосос и Був.

КЛУКАЈДРВЕЦ 21.06–21.07
Ако сте родени во знакот на Клукајдрвецот, вие постојано сте во потрага по нови пријатели. Сакате да си создадете пријатно „гнездо”, но ќе му се радувате само ако го споделите со луѓето кои ги сакате. За вас гостите се секогаш добредојдени. Вие сте познати како личности кои се заштитнички настроени, со силен мајчински инстинкт. Понекогаш дури и претерувате со грижата и љубезноста кога станува збор за луѓето кои ви значат. Вашиот живот е
комплетно посветен на семејството, а посебно сте задоволни кога сте ангажирани во разни социјални и
хуманитарни акции. Ги сакате парите, но сите ги вложувате во домот и семејството. Верни сте и за вас бракот е нешто свето. Не ве интересираат туѓите животи затоа што целосно им се посветувате на блиските. Како клукајдрвецот, така и вие знаете да бидете добри родители, но понекогаш ви е тешко да им дозволите на вашите деца да го напуштат „гнездото”.
Поради вашата постојана грижа за блиските и поради вашите обиди постојано да ги заштитувате, вие често ги заборавате другите ваши обврски. Треба да разберете дека не можете да ја контролирате судбината на другите. Мора да им дозволите на работите да се одвиваат по нормален тек и мора да престанете да преземате одговорност за сè. Ваш минерал е карнеолот, кој најчесто се поврзува со крвта, па поради тоа за родените во овој знак е
важно сè што доаѓа од срцето.
Родените во знакот Клукајдрвец се таинствени личности кои можат да молчат со часови. Исто така, тие се нежни, па дури и на мажите повеќе им значи емоционалното отколку телесното задоволство. Доколку сте заљубени во личност од овој знак, морате да бидете многу трпеливи, затоа што е многу тешко да ја победите повлеченоста и молчеливоста на клукајдрвците.
Најмногу си одговараат со: Кафеава мечка, Дабар, Гуска, Волк и Змија.

ЛОСОС 22.07–21.08
Ако вашиот знак е Лосос, вие сте остроумни, храбри и силни и никогаш не заборавате ништо. Имате огромна енергија и со вашата самодоверба и ентузијазам лесно ги мотивирате луѓето околу вас. Поседувате лидерски способности и имате огромно влијание врз другите. Обожавате да измислувате приказни и поради тоа другите ве доживуваат како забавна личност. Сакате да бидете „главни” и секогаш да биде по ваше. Ако нешто не се одвива како што сте наумиле, во вас се појавува страв дека нема да реагирате доволно зрело во ситуацијата. Мора да научите да се контролирате, бидејќи понекогаш делувате арогантно и покрај вашата добра душа. Во тоа ќе ви помогне вашиот минерал, црвен карнеол, кој секогаш мора да го носите со себе. Со негова помош ќе развиете способност за самоконтрола.
Великодушни сте и срдечни. Со вашата голема чувствителност и со советите кои ги давате многу лесно ги освојувате срцата на луѓето. Меѓутоа, тешко се отворате пред другите и тешко ги искажувате вашите чувства. Треба да познавате некој многу долго време пред да се отворите пред него. Исто така, многу им е тешко на луѓето околу вас да ви влезат под кожа, па поради тоа ретко страдате. Вие сте од оние луѓе кои ги мразат границите кои им ги поставуваат родителите.
Љубовта и сексот многу влијаат на вашето расположение. Го сакате сексот и можете да уживате во него и цела вечер, без да почувствувате умор. И во односите со партнерот се трудите да имате доминантна улога. Мажите лососи никогаш нема да изберат партнерка која има подобра кариера или која повеќе заработува од нив. Жените лососи пак поседуваат докажана заводливост и можат да го освојат кој и да било маж. Но, за преосетливите мажи тие не се вистински избор.
Најмногу си одговараат со: Елен, Сокол, Був и Гавран.

КАФЕАВА МЕЧКА 22.08–21.09
Доколку сте родени во овој знак, вие сте храбри, издржливи, знаете да се контролирате и поради тоа многу лесно ги постигнувате вашите цели. Бавно ги прифаќате новите работи, но затоа секогаш ги завршувате старите обврски пред да прифатите некоја нова задача. Секогаш сте приземјени и самостојни. Имате способност да ги решите дури и најтешките проблеми. Иако сте големи мечтатели, вие знаете да преземете одговорност и секогаш навреме ги исполнувате своите обврски. Вашите амбиции ви даваат верба во вашите способности, кои вешто ги користите при
исполнувањето на обврските. Сакате да ги расклопувате работите, а потоа се обидувате пак да ги склопите и да ги доведете во идеална состојба. Пред вас ниту еден предмет не е безбеден, бидејќи сакате преку сопственото искуство да научите како функционираат работите и како можат најдобро да се искористат.
Кога ќе наидете на нешто непознато, најчесто од страв се повлекувате. За да исчезнат овие чувства може да ви помогне топазот, кој има голема моќ и ја намалува напнатоста и стравот. Во љубовните односи не сте баш идеален партнер, затоа што сте ладна и повлечена личност. Треба да поминете многу долго време со партнерот пред да започнете да му верувате. Но, откако ќе се заљубите, вие се претворате во искрен, лојален и предан партнер. Во спалната сте премногу воздржани, но секогаш сте нежни и внимавате на чувствата на вашиот партнер. Кога сакате, сакате со целото ваше срце. Верни сте и истото го очекувате и од партнерот. Вие сте прекрасни пријатели и сопружници и ги заштитувате луѓето околу вас. Ги обожавате вашите деца, иако понекогаш се правите построги отколку што навистина сте. Често оставате впечаток на ладна личност, но всушност имате многу нежна душа. Најмногу си одговараат со: Гуска, Волк, Клукајдрвец, Дабар и Змија.

ГАВРАН 22.09–22.10
Ако сте родени во овој знак, тогаш вие сте дружељубива и весела личност, која ги сака своите блиски. Ваш најголем недостаток е вашата неодлучност. Често поради една мала работа не можете да ги видите големите и поради тоа ви е тешко да донесете одлука. Најчесто вашата неодлучност завршува со повлекување, па оставате други да одлучуваат наместо вас. Вие сте луѓе кои веруваат во пријателство. Знаете да ги ислушате другите и да сочувствувате со нив. Често давате ветувања, но и ги исполнувате. Поради тоа, луѓето околу вас многу ве почитуваат и ценат. Вашето расположение често се менува, па еден ден може да бидете агресивни, а веќе наредниот ден да сте најмилата личност на светот. Ако луѓето околу вас се полни со позитивна енергија, и вие ја примате истата. Но, ако луѓето околу вас не се расположени или не ви посветат доволно внимание, вие лесно можете да западнете во депресија. Мразите расправии, но во истото време со вашето променливо расположение самите ги предизвикувате.
Вашиот минерал, азуритот, може да ви помогне да ја победите вашата променливост. Тој треба да се носи или на прстен на десната рака или на ланче. Во љубовната врска сте романтичари до таа мера што дури и најмалиот флерт доаѓа од вашето срце. Поради тоа лесно се разочарувате и често страдате од љубовни болки. Но, ни тоа не ве спречува во потрагата по идеалната љубов. Мажите Гаврани ги знаат слабите точки на жените и ги кажуваат само
оние работи кои тие сакаат да ги чујат. Жените родени во знакот Гавран пак се толку заводливи што пред нив мажите клечат на колена. Вие сте добри родители и на вашите деца им ја давате целата љубов на светот.
Најмногу си одговараат со: Видра, Сокол, Елен, Був и Лосос.

ЗМИЈА 23.10–22.11
Доколку сте родени во овој знак, вие сте исклучително интелигентни и полни со иноваторски идеи. Како што змијата ја менува кожата, така и вие треба да научите да ги менувате вашите стари навики за да бидете подготвени за нови почетоци. Така ќе ја постигнете вашата цел – духовен раст во хармонија со природата.
Често претставувате загатка за луѓето околу вас, затоа што сте таинствени, мистични и непредвидливи. Вие сте од оние личности кои своите најдлабоки чувства ги чуваат само за себе. Без разлика дали се работи за проблеми на работа или за љубовни проблеми, сакате сè да решите сами на ваш начин. Меѓутоа, кога се работи за туѓите проблеми, сакате да ги знаете до детали. Често пропуштате добри прилики затоа што му ги покажувате забите на секој кој ќе ве засегне. Тешко се адаптирате и би направиле сè за да не ве вовлечат во ситуација која не е пожелна за вас. Но, секогаш имате јасна цел пред себе и одлучно чекорите кон неа. Поседувате истражувачки дух, кој секогаш е
насочен кон некои недоволно познати или сè уште неоткриени области. Вашиот минерал, аметистот, е симбол на праведноста, па вие имате способност точно да ги проценувате ситуациите и луѓето и да носите праведни одлуки. Но, понекогаш сте преголеми идеалисти.
Припадниците на овој знак најчесто имаат ладно однесување и треба да помине извесно време пред да излезат од нивната повлеченост. Женските Змии се поарогантни, додека машките се попристапни и попристојни. Дури кога ќе почувствуваат дека се сакани, Змиите ја отфрлаат својата резервираност и се претвораат во диви и страсни личности. Среќата на нивниот партнер им е на прво место. Често бараат од своите деца да станат самостојни пред да се способни на тоа, а потоа се прават дека не ги забележуваат, а всушност често ги контролираат.
Најмногу си одговараат со: Гуска, Дабар, Клукајдрвец и Кафеава мечка.

БУВ 23.11–21.12
Ако сте родени во овој знак, и вие како бувот имате остар поглед кој ги забележува сите детали. Тоа ви дава способност брзо да сфаќате зошто работите се одвиваат по определен начин. Имате многу добра меморија и лесно помните сè што ќе прочитате или слушнете. Знаете да им го пренесете на другите вашето знаење и сте одлични учители. Вашата интуиција е толку добра што често успевате да ја предвидите иднината, а вашата прецизност ви
помага многу во постигнувањето на успеси на работното место. Решително се трудите да ги остварите вашите цели. Сакате да истражувате во секоја област, но никогаш целосно не се посветувате само на една. Мора да се научите секогаш да тежнеете кон постигнувањето само на една цел, затоа што кај Индијанците не бил најдобар оној кој ќе истрелал најмногу стрели, туку оној кој ќе се сконцентрирал на целта и потоа ќе ја погодел.
Вие сте родени авантуристи. Ја сакате природата, независноста и ризикот. Секогаш го кажувате она што го мислите и го правите она што вие го сакате, па поради тоа често запаѓате во непријатни ситуации. Вашиот минерал, опсидијанот, е многу тврд и остар камен, па така и вие знаете да бидете многу остри кога ќе ве навредат. Многу е тешко некој да има влијание врз вас, бидејќи сакате сами да успеете и да ги постигнете целите кои вие ги сметате за важни.
Вие сте едни од најспособните освојувачи. И мажите и жените родени во знакот Був секогаш знаат што да кажат и имаат голема смисла за хумор. В кревет се неверојатни – страсни и секогаш подготвени да експериментираат. Зборот брак е збор кој го мразат и од кој најмногу се плашат. Обврзувањето за една личност е спротивно на нивната природа да бидат независни и поради тоа често ги губат дури и оние партнери кои им значат. Доколку сте родени во овој знак, вие сте особено љубопитни, но понекогаш знаете да бидете и многу молчаливи и резервирани кога се работи за вашите чувства.Често ги оттурнувате пријателите од вас затоа што сметате дека треба да бидете  самостојни. Истото го очекувате и од вашите деца – кога ќе сметате дека се доволно возрасни, барате од нив да започнат да се осамостојуваат.
Најмногу си одговараат со: Сокол, Лосос, Видра, Гавран и Елен.

Scroll to Top