Иван Огњановски, првиот пациент со трансплантација на срце, си отиде дома

Иван Огњановски, на кого на 23 мај му беше направена трансплантација на срце од починат донор, денеска замина на домашно лекување од клиниката за кардиохирургија. Тој го доби срцето на Емилија Динева, која почина во сообраќајка. Веста дека Иван е добар и дека по шест недели си оди дома, ја сподели министерот за здравство, Венко Филипче. Тој објави фотографии со 54-годишниот Иван, и вели, горд е што заедно испишале историја во јавното здравство и во кардиохирургијата.

„Горд сум на моите колеги кои покажаа највисока стручност во својата хумана професија. Но, пред сѐ најдлабока почит за семејството на Емилија Динева за алтруизмот што го покажаа на дело. Покажавме дека знаеме и можеме. Продолжуваме максимално да се грижиме и понатаму за Иван и сите наши пациенти!“, напиша Филипче.

Операцијата за трансплантација на срце на Огњановски, што беше направена на 23 мај, траеше шест часа. Тој беше избран од Националната листа за чекање за срце, а според медицински утврдени критериуми што ги изготви Министерството за здравство.

На трансплантацијата работеше мешан тим на кардиолози. Предводени од  проф. д-р Сашко Јовев и академик Жан Митрев, во операцијата беа вклучени и д-р Васил Папестиев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Ванѓел Здравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска и д-р Димче Славевски.

Д-р Маја Мојсова-Мијовска, анетезиолог и национален координатор за трансплантација, тогаш рече дека ова е операција од национален и државен интерес.

Освен трансплантацијата на срце, истовремено беше направена и трансплантација на бубрег кај уште двајца пациенти. И нив им беа пресадени органите од загинатата Динева.

Scroll to Top