Почна снимањето на „Стела“, првиот македонски филм за деца

По едногодишна подготовка, режисерот Стојан Вујичиќ почна со пробни снимања за првиот македонски семеен долгометражен филм за деца, „Стела“. Филмот ќе се снима во Скопје, Галичник и во Штутгарт, Германија. „Стела“ ја раскажува приказната за еден шарпланинец, едно дете и за еден дедо, вели продуцентот Огнен Антов.

„Звучи идилично, но не е. Откако детето Никола ќе проба да се самоубие поради малтретирање во училиштето, изгледа дека никој не ќе може да допре до него. Престанува со секаква вербална комуникација. Само шарпланинката Стела не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори и среќна е во негова близина. Детето ќе почне да се поистоветува со неа, па неговиот глас ќе може да се слушне единствено кога таа лае. Дедото, кој избегал од луѓето за да живее сам во бачилото, неволно ќе го прифати Никола за во текот на оваа авантура да станат семејство, бегајќи од своето вистинско семејство“, вели Антов.

Улогата на Никола ја игра 12-годишниот Петар Маниќ, кому ова му е прва улога на филм. Во „Стела“ глумат и Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и Христина Поповиќ. Сценариото е на Ева Камчевска. Режисер на филмот е Стојан Вујичиќ, познат е по филмовите „Брат за еден ден“, „Допир“ и „Годините го чинат своето“, кои се наградени на престижни филмски фестивали.

Снимањето на филмот е поддржано од Агенцијата за филм на Македонија и од Филмскиот центар на Србија.

Scroll to Top