(Видео) Што кријат тајните тунели и одаи на Кеопсовата пирамида

Кеопсовата пирамида, позната и како Голема пирамида во Гиза или Пирамидата на Куфу, е најстара и најголема од трите пирамиди во некрополата во Гиза и е единственото до денес сочувано светско чудо од седумте чуда на античкиот свет. Во оригинал била висока 146,5 метри, додека денеска е висока 138,8 метри.

Нејзиниот градител, фараонот Куфу, познат под грчкото име Кеопс, ја градел 20 години во периодот меѓу 2509 и 2483 година пред новата ера. Во неа се наоѓаат бројни тунели и три огромни комори, а секако најпозната е Големата галерија, најголема откриена просторија во пирамидата.

Благодарение на 3Д-технологијата, Би-би-си објави видео што нуди вирутелна прошетка низ цврстите камени блокови и скриените тунели и простории.

На почетокот, Кеопсовата пирамида била покриена со камења кои формирале рамна надворешна површина, а денес може да се види основната внатрешна структура. Некои од надворешните камења кои некогаш ја обвивале градбата сè уште можат да се видат околу основата. Постојат различни научни и алтернативни теории во врска со техниките на изградба на Кеопсовата пирамида. Најприфатливите теории се засноваат на идејата дека таа била изградена со вадење големи камени блокови од каменолом и со влечење и подигнување до местото каде што се градела пирамидата.

Познати се три простории во Кеопсовата пирамида. Најниската го засекува темелот врз кој била изградена пирамидата, и не е довршена. Таканаречените Одаја на кралицата и Одаја на кралот се наоѓаат ниво повисоко во структурата на пирамидата. Кеопсовата пирамида е основниот дел од комплексот градби кој вклучува два меморијални храмови во чест на Кеопс (еден во близина на пирамидата и еден во близина на Нил), три помали пирамиди за сопругата на Кеопс, една уште помала „сателитска“ пирамида, пат што ги поврзува двата храма, и мали мастаба-гробници на благородниците, кои ја обиколуваат пирамидата.

Scroll to Top