„Ај кју“ на промотивна турнеја во Израел

Македонските евровизиски претставници „Ај кју“ заминаа на предевровизиска турнеја. Тие веќе неколку дена се во Израел, а оттаму ќе одат во Холандија каде што ќе ја промовираат евровизиската песна Lost and Found.

Четиридневниот промотивен настан „Израел ве повикува“ се одржува трета година по ред. Овој пат на настанот учествуваат претставници на 25 земји. Главниот настан е концертот во живо што ќе се одржи вечерва на плоштадот „Рабин“ во центарот на Тел Авив, а „Ај кју“ пред израелската публика ќе ја отпеат во живо нивната песна. Според организаторите, се очекува на плоштадот да дојдат околу десет илјади луѓе.

„Првпат сме во Израел и воодушевени сме од гостопримството и желбата на домаќинот да ги сподели толку несебично со нас сите убавини на својата земја. За нас и самата промотивна турнеја е нешто ново, организацијата е на највисоко ниво, веќе се запознавме со многу претставници и атмосферата е навистина опуштена и пријателска“, вели Бојан Трајковски од „Ај кју“.

Организаторот на настанот за евровизиските ѕвезди подготви бројни активности, меѓу кои гала забава, разгледување на Ерусалим, но и засадување дрвца во Претседателската шума.

Марија, пак, е воодушевена од средбата со медиумите и фановите.

„Постојано читавме позитивни коментари и одлични реакции за песната, но кога во живо ќе ви пријдат луѓе и ќе ви кажат дека Lost and Found е нивната омилена песна, кога ќе побараат да се фотографираат со вас и искрено ќе ви посакаат многу среќа на ‘Евровизија’, тоа е нешто навистина посебно и ни дава уште повеќе енергија за понатаму“, додаде Марија.

 

Scroll to Top