Александар Манасиев добитник на наградата „Жан Моне“ за истражувачка сторија

Вчеравечер беше доделена наградата „Жан Моне“ за истражувачко новинарство, а нејзин добитник е Александар Манасиев од „Телма“.

„Наградата е за серијалот од 12 новинарски приказни за Академијата за судии и јавни обвинители ‘Павел Шатев’, кои се објавени во ‘Топ-тема на ваша страна’, во вестите и на веб-страницата на „Телма“. Станува збор за институција за која медиумите ретко пишуваат иако во неа се обликуваат идните генерации македонски обвинители и судии“, рече Манасиев за „Репортер“. „Токму независното судство е најкритикувано од сите меѓународни организации. Македонија има голем недостиг од обвинители и судии и со тоа сознание ја започнавме приказната истражувајќи што се случи со конкурсот за прием на 60 нови обвинители што ќе учат во Академијата“, додава тој.

Истражувањето го почнале во февруари, а  текстовите се објавени во мај и јуни годинава.

На конкурсот биле пријавени дваесетина автори на новинарски прилози, а меѓународната жири-комисија едногласно му ја доделила наградата на Манасиев.

(А.Ј)

Scroll to Top