Александра Кочоска освои Еми награда за серијата „Стар трек – Дискавери“ и стана прва Македонка со ова престижно признание во Холивуд

Александра Кочоска Дековиќ, Македонката која неколку години работи како продуцент за визуелни ефекти во Холивуд, ја освои награда Еми за серијата „Стар трек – Дискавери“. Таа е првата Македонка номинирана за Еми а наградата е за визуелни ефекти во епизодата „Су’кал“.

Ова беше втора номинација на Александра за најпрестижната телевизиска награда во Америка. Таа беше номинирана за Еми и во 2019 година, но тогаш наградата ја освои серијата „Игра на тронови“. Александра ја доби наградата заедно со сопругот Анте Денковиќ и продуцентот Џејсон Зимерман.

Александра веќе неколку години живее и работи во Холивуд. Таа има две дипломи од Универзитетот УКЛА, за бизнис-менаџмент во забавната индустрија и за развој. Оттогаш работела на неколку серии: Crossbones, Sleepy Hollow, Limitless и True Detective, Star Trek: Picard со Патрик Стјуарт во главната улога, Star Trek: Short Treks и Star Trek: Discovery S3.

Во интервју за „Репортер“ таа ни раскажа дека е продуцент на визуелни ефекти  – таа не работи на компјутерска изработка на ефектите, туку има свој тим, десетина луѓе чија работа ја надгледува и одлучува во која сцена ќе има каков ефект. Притоа внимава нивната работа да не го надмине буџетот со кој располага серијата за секоја епизода.

 

Scroll to Top