Ана Јовковска поради сексуално вознемирување дала отказ во телевизија

Телевизиската водителка Ана Јовковска преку статус на својот фејсбук-профил го сподели непријатното искуство на сексуално вознемирување од маж кој ѝ бил шеф на работа. Таа не е единствената што зборува на оваа тема. Јавното споделување искуства поврзани со сексуално вознемирување зема сè поголем замав и кај нас.

„Имав 25 години. Работев во телевизија. Додека го презентирав новиот ТВ-проект ‘шефот’ ми се доближи толку блиску што ми влезе во интимниот простор на мојата аура. Ме залепи за врата. Мојот отпор беше само еден збор -‘недолично’. Проба да се извади со ‘фраерски’ комплименти и хумор, но веднаш го напуштив состанокот. Не ме уплаши, но ме згрози. Класично микронасилство од позиција на моќ. Другиот ден дадов отказ и не се појавив веќе на работа. Им кажав веднаш на двајца колеги, но тие рекоа дека тоа е вообичаено однесување за него. Им кажав на пријателите, но тие ме посоветуваа да не ја раскажувам секаде случката оти сум јавна личност. Не ги послушав. Им кажав и на моите. Ме поддржаа во одлуката да си заминам од работа. Останав да се прашувам што прават колешките и жените што не можат така лесно и бескомпромисно да донесат одлука да ја напуштат работата. #СегаКажувам“, напиша Јовковска.

Таа преку своето искуство ја поддржа кампањата против сексуалното вознемирување #СегаКажувам #TaniTregoj. Оваа акција  е поттикната од светската кампања #MeToo „И јас“, откако група актерки во Холивуд го обвинија продуцентот Харви Вајнштајн за сексуална злоупотреба.

Како дел од оваа кампања кај нас, Македонките на социјалните мрежи споделуваат свои искуства за сексуално вознемирување на училиште, на факултет, на работното место.

 

Scroll to Top