Анета и „Молика“ лути оти не одат на Евровизија

Пред неколку месеци во медиумите се појавија шпекулации дека групата „Молика“ и Анета Мицевска ќе бидат македонските претставници на „Евровизија“ во Лисабон. Пишувањата беа поттикнати од фејсбук-статусот на фановите на Анета кои сметаа дека таа најдобро ќе ја претстави Македонија во Лисабон. Но, откако МРТ објави дека наш претставник ќе биде групата Ај Кју, на официјалната страница на групата се појави статус во кој „Молика“ го искажува својот револт од изборот.

„А бре Македонска телевизија! Нити ве бивало за нешто, ниту ќе ве биде некогаш! Имавме кажано многу пати ние од Молика да не учествуваме на фестивали кои вие ги организирате, ама ајде, овој пат се надевавме на регуларно гласање за избор на песна за Евровизија. И што направивте? Ќе си видите по осми мај (денот на одржување на настанот), исто како што си гледате секоја година, поточно седум години назад по ред лупете банани! Ама некој друг плаќа, поточно македонскиот народ, за вие да шетате со туѓи пари. Ние многу добро знаеме кои сме и колку можеме, а за Анета вие од МРТ немате капацитет за да слушнете која е и колку вреди. Не се секирајте, има некој од надвор што знае што е добро и што вреди. Толку од нас, во иднина да заборавете на Анета и ‘Молика’!“, стои во нивниот статус.

Неколку месеци пред изборот се огласи и Џими Мицевски, кој откри дека добиле понуда од композиторот Григор Копров да пеат негова песна на фестивал на кој ќе се бира македонскиот претставник за „Евровизија“. МРТ со години  не го избира евровизискиот претставник преку фестивал, ниту, пак, размислувале да организираат фестивалско претставување на пристигнатите песни.

Наместо тоа, Македонската телевизија распиша јавен конкурс на кој пристигнаа 382 песни, меѓу кои и песна на Анета и „Молика“. Жири-комисијата составена од музички новинари, по три елиминациони кругови ја избра песната Lost and Found на „Ај Кју“ како најсоодветна за изборот во Португалија. Песната на „Молика“ не се пласираше во вториот круг. Организаторите на изборот велат дека гласањето е транспарентно и дека секој автор може да побара увид во резултатите.

Scroll to Top