Благица и Филип Миркуловски, љубов што трае 16 години

Благица и ракометарот Филип Миркуловски се во врска од средношколските денови. Заедно се веќе 16 години, во брак се од 2012 година и ги имаат ќерките Јована и Ања. Во интервју за „Фокус“, Благица открива дека поради кариерата на сопругот направила големи отстапки, често се жртвувала, но не жали за ништо.

„Со Филип заедно завршивме средно училиште, заедно се запишавме на Правен факултет. Јас го завршив факултетот редовно, а Филип поради професионалните обврски вонредно. Често запишував сè во тетратка, па тој учеше од таму. Секогаш одев со него на полагање испити, секогаш чекав пред вратата, пријавував испити за него“, вели Благица.

Кога се родила нивната прва ќерка Јована, заради договорот на Филип со екипата на „Хановер“ се преселиле во Германија. Иако на почетокот била исплашена, вели, одлично се снашле во туѓата земја.

„Веднаш по завршувањето на факултетот се вработив и работев додека не заминавме во Германија. Јас одев на работа, Филип на тренинзи, кога се враќав дома тој заминуваше на тренинг, кој знаеше да трае и до 8-9 часот навечер, како да немавме време за нас. Пред да се преселиме, се плашев од тоа што нè чека. Првпат ќе имавме многу време да бидеме заедно, па не знаевме дали ќе функционираме многу добро, или јас ќе се вратам назад – размислував. Но, сега уживаме во секој момент заедно, уживаме со децата, во најубавиот период од животот сме“, раскажала таа.

Благица вели дека во ниеден момент не зажалила што се откажала од правото заради кариерата на Филип.

„Јас сум магистар по уставно право. Секогаш бев амбициозна, но поради обврските на Филип беше невозможно да бидеме одвоени. Затоа дадов отказ. Тоа е таа жртва на речиси секоја жена на еден професионален спортист, да се откажеш од сите амбиции за сметка на успехот на сопругот“, додала таа.

Таа и ќерките се присутни на речиси секој меч на Миркуловски, а го бодреа и во Хрватска.

„По секој натпревар Филип знае да каже ‘Па добро, како е можно само нашите деца да бидат толку неумни?’ Но, му годи нашата поддршка. Бидејќи сме заедно уште од деца, нормално ми е да бидам присутна на сите натпревари. Сум пропуштила неколку кога бев бремена, кога Јована и Ања беа бебиња, но секогаш се трудам со двете деца да сум присутна на трибините. Малку е напорно кога натпреварите се во временски период кога им се спие или јаде, ама гледам дека им е интересно“, раскажала Благица.

Scroll to Top