Драган Спасов – Дац: Кој ќе доцни, нема да ја гледа претставата

По тепачката што се случи помеѓу актерот Сашко Коцев и охридскиот градоначалник Бакрачески на затворањето на Охридско лето, се огласи новиот директор на МНТ, актерот Драган Спасов – Дац. Тој на својот фејсбук-профил напиша: Почитувана публико, почитувани љубители на театарската уметност, сакам да ве информирам дека со почетокот на новата театарска сезона во Македонскиот народен театар заради непречено следење на претставите, вратите за публиката ќе се затвораат во 19.55 часот. Во 20 часот почнува претставата!

Ако некој не е во можност да присуствува на претставата за која зел билети, ќе може да ги врати половина час пред почетокот на претставата и ќе му бидат вратени парите. Во спротивно, на гледачите што задоцниле нема да им бидат вратени парите и тие нема да може да влезат во театарот. Ова ќе важи за сите граѓани на светот.

Оваа реакција на Дац доаѓа по скандалот помеѓу Коцев и Бакрачески по завршувањето на претставата „Ничија земја“. Според кажувањата, откако завршила претставата на МНТ, со која се затвори Охридско лето, Коцев во кругот на пријателите рекол дека претставата непотребно доцнела 20 минути поради доцнењето на охридскиот градоначалник. Кога тој пристигнал, претставата почнала. Актерот исто така коментирал и дека столовите се несоодветно поставени така што публиката не можела нормално да ја следи драмата.

Тоа го слушнал градоначалникот Бакрачески и наводно му рекол на актерот: „Што сакаш бе ти, наркоман еден!“

На тоа реагирал Коцев кој му рекол на охридскиот градоначалник: „Што ти е бе, сељак ниеден!“ По вербалната расправија, дошло и до близок контакт меѓу двајцата. Реагирало обезбедувањето на градоначалникот.

Scroll to Top