Дуке Бојаџиев: Не правам компромис во музиката

Mакедонскиот музичар Дуке Бојаџиев, на средината на мај ќе одржи два концерта во Македонската филхармонија во Скопје. Пред домашната публика повторно ќе се претстави со проектот „Сон. Верба. Љубов.“, но во малку поинакво издание.  Дуке одамна живее и работи во Америка каде што создава музика за себе, но работи и на филмски проекти, како и на музика за реклами.

„Овојпат ќе изведам нови композиции од албумот ‘Сон. Верба. Љубов’, како и дел од поновото филмско творештво проследено со нови парчиња поезија. Изведбата ќе биде со нови музички гости, Тијана Дапчевиќ која ќе ги отпее вокалните композиции и актерката Наташа Петровиќ која ќе ја пее композицијата ‘Сон’ и ќе рецитира поезија“, рече Дуке за „Репортер“.

Пред две години со ‘Сон. Верба. Љубов’ имаше успешна мини турнеја во неколку градови низ Македонија. Набрзо потоа настапи во престижниот „Карнеги хол“ во Њујорк. Вели, нема голема разлика дали настапува пред американската или пред македонската публика.

„Возбудата на секој концерт е голема и секој концерт го работам со иста посветеност. Ако треба да ги споредам, ќе речам дека концертите во Македонија ми се највозбудливи, бидејќи ова е публиката со која пораснав и се оформив во она што сум денес. На свој терен пред свои луѓе. Ниедна публика не може да ја замени домашната“, ни раскажа Бојаџиев.

Дуке компонира музика за себе, ама прави музика и за други музичари. Работи и на филмски проекти, а создава и музика за реклами. Секогаш пишува по свој вкус, без компромиси, оти, вели, кога го бараат, знаат каков е неговиот стил и што може да понуди.

„Генерално пишувам музика по свој вкус. Кога некој ме ангажира за проект, дали е тоа филм или вокална композиција, никогаш не правам компромис со моите критериуми за квалитет и стил. Обично ме ангажираат тие на кои веќе им се допаѓа мојот музички сензибилитет. Мислам дека за секој креативец е најдобро кога работи да ги следи своите инстинкти, но и форматот и концептот на проектот на кој работи. Искрената комуникација е најбитна во секоја креативна соработка“, вели тој.

Повеќе од 15 години Дуке живее и работи во Америка. Најпрво завршил студии на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон, а потоа се преселил во Њујорк, каде што живее и денес со семејството.  

„Во Америка не отидов да пронајдам нешто што ми недостасува, туку буквално да се пронајдам себеси. Верувам дека е полесно човек да се најде и осознае кога е подалеку од местото каде што пораснал. Од друга страна, целата моја едукативна наобразба во Македонија беше фокусирана на медицината. Оваа преселба и новиот почеток многу ми помогнаа во градење нова иднина и нова кариера. Верувам дека за секој човек, од која било точка на планетава, е здраво да поживее барем некое време во друг дел од светот, бидејќи тоа многу помага во менталниот и духовниот развој, кој на секој од нас му е неопходен“, рече Дуке.

Музичкиот ген го наследил од татко му Тодор Бојаџиев, кој бил композитор. Дуке вели дека и неговиот шестгодишен син Теодор, кој го носи името на татко му,  покажува големи афинитети кон музиката, дека многу сака да слуша музика, да танцува и да пее.

„Талентот е само иницијална каписла која создава самодоверба и љубопитност кон работата. Но само талентот не е никаква гаранција за успех. Најголема улога има работата и посветеноста кон тој талент за да се развие до професионално ниво. Процесот на постојана отвореност кон учење и доусовршување не треба никогаш да престане, бидејќи тука се случуваат најголемите промени. Тука човек учи, расте, паѓа, станува и продолжува напред. Низ тој процес најдобро се осознаваме и растеме, како ментално така и духовно“, вели Бојаџиев.

Андријана Јовановска

Scroll to Top