Елена Стефановска го живееше американскиот сон

ТВ водителката Елена Стефановска го живее животот со стил, исто онака како што го прави тоа и преку нејзината авторска емисија „Живот со стил“. Оваа година таа првпат ја посети Америка, поточно Калифорнија и си создаде слика за тоа каков е животот во едно од најпосакуваните места на светот.

„Имав силна причина да одам во Америка, ја посетив мојата другарка Александра која долги години живее таму и гради успешна кариера. Во патувањето кое траеше дваесет дена добив јасна слика за Калифорнија. Видовме многу градови, ги посетивме Силиконската долина, Сан Хозе, Санта Круз, Сан Франциско, а бевме и во Лос Анџелес, Беверли Хилс, Санта Моника, Малибу“, ја започнува Елена својата приказна.

„Европа за мене е многу поубава и побогата. Луѓето во Америка живеат за да работат. Најголемата разлика помеѓу нас и Американците е во начинот на животот и во различниот концепт за среќа. Во САД се живее само за напредок во кариерата, се живее работата. Кај нас повеќе се ужива во приватниот живот и во слободните моменти со блиските“, вели ТВ водителката.

Според неа, во Америка секој има разбирање за другите и сите се со позитивни и отворени мисли, без предрасуди и дискриминации, секој живее за себе, не за другите.

„Тоа можеме да го научиме од нив, секако, без милионите долари. Ако ме прашувате мене, никогаш не би живеела таму. Ама за прошетка, животно искуство, нови пријатели, убави спомени и дружење, Америка е супер“, раскажува Елена.

Во текот на својот престој пробала различни видови храна и уживала во дотогаш непознатите вкусови.

„Бев на роденден кај еден Мексиканец, на типична мексиканска забава на која се служеше мексиканска храна и се пиеше сангрија“, рече таа.

Многу работи ѝ оставиле силен впечаток. Како најубава плажа ја избра долгата песочна плажа во Санта Моника и Малибу, место каде што се собираат љубителите на сурфањето.

„Најубавото зајдисонце го видов во гратчето Аламида близу Сан Франциско. Во Силиконската долина ме освои Сантана Роу со прекрасните отворени ресторани, лоцирани под калифорниски палми. Во Сан Хозе уживав на мексиканска забава на плоштад каде што играа салса, бачата“, вели таа.

„Која конекција и да ја одберете, патот е долг. Кога веќе одите во Америка, останете таму што подолго, посетете што повеќе места“, ја завршува својата приказна Елена, со надеж дека ова не е крај, туку дека веќе следната година ќе ги посети Њујорк, Вашингтон, Бостон и Мајами.

 

 

 

Scroll to Top