(Галерија) Чаирска романтика во ноќта, Владо е евергрин – концерт за сите генерации

Поп-пејачот Владо Јаневски вчера одржа концерт во арената „Борис Трајковски“, со кој одбележа 25 години соло кариера. Со големиот хит „Напрај место“, тој веднаш ја разигра публиката во преполната арена во која имаше повеќе жени одошто мажи. Тие го пречекаа со громогласен аплауз и му простија што се појави на сцената со 40 минути задоцнување. Владо концертот го продолжи со познатите стихови „Чаир е често досадно место…“, додека сите пееја со него во еден глас.

„Ова чаирското ми лежи најмногу. Да ни стане оваа дружба традиција и да се гледаме секоја година“, рече тој на почетокот.

Владо концертот го продолжи со евергрините „Еден бакнеж“, „Дома си е дома“, „Ако не те сакам“, „Ова е само наше Скопје“, „Тајна отровна“, „Десет девојки“…, а публиката уживаше во песните со кои порасна.

Убаво му беше и на Владо кој цело време играше и се забавуваше. Се симна тој и меѓу фановите за да се слика со нив. Се пожали и дека четирите години колку што немал концерт во Скопје биле предолги, па посака поскоро сите да се сретнат пак на истото место.

Концертот во организација на „Прагма продукција“ го заврши со бис, а ги испеа „Не заборавај да се сетиш на мене“ и последната „Откако си негова“. Публиката го испрати со аплауз, но и со коментари дека трите часа со музиката на Владо Јаневски можеа да траат барем уште малку.

Подготви: С. Додевска
Фото: Д. Перковски

 

Scroll to Top