(Галерија) Од Карпош на тамбураши во Куманово, Каролина конечно се врати на сцената

Поп-ѕвездата Каролина Гочева синоќа пееше на Меѓународниот тамбурашки фестивал во Куманово. Таа беше специјална гостинка на настанот што се одржа традиционално по 17 пат на градскиот плоштад. Само што излезе на сцената ја поздрави публиката пред која како вели не пеела одамна.

„Мило ми е што се дружиме по долго време. Среќна сум што ве гледам, ајде да се забавуваме“, рече таа пред да ги запее песните од албумите „Македонско девојче“ и „Извор“.

По „Чалгија“, „Бели цветови“ и „Скопска магла“, почнаа побрзите песни, па публиката стана и почна да игра со неа. Без групирање, со раздалеченост меѓу гостите, на концертот на Каролина присутните ги почитуваа корона-мерките.

Публиката уживаше и во нејзините најпознати поп-хитови, а највесели  беа децата, кои дојдоа пред бината и во паркот на плоштадот и играа цела вечер додека Каролина пееше. Ја испратија со овации.

Фестивалот го отвори оркестарот Табиет од Свети Николе, триото Шербет од Тетово, а настапија и градскиот тамбурашки оркестар од Бања Лука.

Поп-пејачката претходната вечер настапи на „Културно карпошово лето“ пред платото на Млечен, а претходно пееше и на „Струмица опен“, што е нејзин прв настап по скоро година и пол.

Scroll to Top