(Галерија) Публиката на колена за Џибони

Хрватската музичка ѕвезда Џибони вчеравечер имаше неповторлив настап во Скопје. Некаде кон крајот на концертот дел од публиката се обидуваше да направи селфи со него.  Кога Џибони виде од сцената што се случува долу во публиката, им рече: „Чекајте, јас ќе ви покажам како најдобро се прави селфи“.

Се симна меѓу публиката и клекна на колена, а по него истото го направија сите кои беа во негова близина.  „Ве молам, трудните нека не клекнуваат“, се шегуваше хрватскиот музичар, па кога виде дека дел од дамите сè уште стојат на нозе, почна да  набројува „Трудна, трудна, еве уште една трудна…“.  По ова речиси сите клекнаа на колена и си правеа селфи.

Неверојатно е колку тој имаше добра интеркација со публиката, спонтана, особено кога на немажените девојки им  бараше дечковци. И тука ја раскажа приказната како ја напишал популарната „Старим ја, а у љубав вјере немам“, која ја отпеа Оливер Драгојевиќ.

„Оваа песна ја напишав кога имав само 23 години. Да ја пишувам сега би била ‘Вјерујем у љубав’. Значи ајде сега да пееме нешто во што не веруваме“, а потоа во еден глас ја отпеа заедно со публиката.

Вчерашниот концерт Златан Стипишиќ – Џибони го почна со многу емоции. Како секој збор да го погодуваше во срце. Концертот го почна со песните „Чиним праву ствар“ и „Среќа“  и ги посвети на својот голем пријател, легендарниот Оливер Драгојевиќ, со кого пеече во Скопје пред две години. Потоа се редеа  „Миракул“, „Темпера“, „Либар“, „Цесарица“. Настапот на Џибони беше дел од фестивалот All You Need Is Love, кој го организира „Авалон“.

Александра Георгиев

Фото: Д.Перковски

(Галерија) Поздрав за Оливер, песни кои допираат до срце – Џибони има неповторлив концерт во Скопје

Scroll to Top