Ивана Илоски трчаше 11 часа на ултрамаратон околу Охридското Езеро: Се чувствувам исполнета и горда

Ивана Илоски,од Охрид трчаше на ултрамаратон околу Охридско езеро во должина од 101,2 километри.

За овој подвик на Илоски и беа потребни повеќе од 11 часа, константно трчање во правец Охрид – Струга – Ќафасан – Подрагдец – Свети Наум – Охрид.

Се уште под импресии и адреналин, исполнета и горда зборуваше како е да се трча ултрамаратон.

„11 часа трчање инаку севкупно со застанување 12 часа и 51 минута. Се’ помина во најдобар ред, бевме добро организирани, имавме голема поддршка. Голем дел од патеката не ми беше позната и малку ми беше страв посебно од сообраќај. Но бев пријатно изненадена од возачите од кои најголем дел застануваа или возеа побавно. Целата патека нуди многу убавини, самото тоа ми даваше енергија во текот на трчањето“, рече Ивана Илоски за Репортер.


За време на авантурата на Илоски, поддршка и биле нејзиниот татко и братучедка кои ја следеле со автмобил.

„Имавме договорени места каде што ме чекаа и каде што си надополнував течности, јадење, се’ што ми беше потребно. Околу 80% од релацијата ја трчав со тројца другари и една другарка, некои на велосипед, некои со трчање покрај мене и тоа секогаш многу мотивира и прави голема разлика. Мајка ми и сестра ми мѝ организираа спектакуларен финиш со децата на плоштад во Охрид. Да не го заборавам и мојот тим од Австралија со безбројните пораки дури трчав. Сите одиграа важна улога во мојот успех“, раскажа Илоски.

Инаку Ивана скоро две децении живее во Сиднеј, Австралија, и го користи секој слободен момент за тренирање и маратонско трчање. Досега учествувала во поголем број маратони со меѓународен карактер.

„Тренирам редовно и годинава имам неколку ултрамаратони и тренингот ми ги опфаќа сите. Тренерот ми е со огромно искуство во ултра трчање. Нејзиниот пристап е совршен за мојот карактер и таа точно знае што ми е потребно за да го достигнам својот потенцијал. Кога и спомнав за подвигот пред неколку месеци ми го адаптираше планот за тренинг за да ме подготви. Инаку трчам 5-6 пати неделно, вежбам пилатес и 1-2 пати неделно во теретана“, вели Илоски.

Ивана од 2012 година трча рекреативно со паузи. Посериозно почнува да се занимава од 2019 година. Ковидот иако откажа многу трки, тоа  не ја спречило да продолжи со тренинзи.

„Напротив, за мене ковид беше можност да се посветам уште повеќе на тренингот. Првиот ултрамаратон ми беше во мај 2021, 50км на познатата трка Ultra Trail Australia.

Исто така, позначајна ултратрка ми беше во јуни 2022, на атлетска патека во која целта е да се истрчаат што повеќе километри во рок од 6 часа. На таа трка завршив втора во женска конкуренција и петта севкупно со истрчани 65,8 км. Ваквите трки бараат многу психичка подготвеност. Замислете да трчате во круг 6 часа без престан“, рече Ивана.

Ивана и професионално, но и рекреативно се занимава со атлетика. Мајка е на две деца и е вработена, но сепак љубовта кон овој спорт прави да најде време за трчање.

 „Тоа најчесто значи будење во 4 сабајле за да истрчам пред да ми се разбудат децата (ова може да звучи многу рано, но јас го гледам и како можност да видам што повеќе изгрејсонца и тие даваат посебна енергија). Исто на пример кога децата ми имаат некоја активност го користам времето додека ги чекам да направам тренинг, ги земам понекогаш со мене во теретана, одиме често заедно на пешачење, кога се сака, се се може. Децата ми се најголема инспирација и најголема поддршка и сакам да им дадам ваков пример“, раскажува Ивана.

Следнените предизвици за Ивана се планинска трка на 100км во август во Австралија во тим од четворица. Тоа за неа ќе биде прва официјална трка на 100км. Во октомври друг предизвик со три планински трки во три дена и вкупна должина од 83км и уште една трка на 100км во декември на највисоката планина во Австралија.

 Габриела Додевска

Scroll to Top